Каракамишева го изгуби спорот

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Тања Каракамишева Јовановска, го изгуби спорот пред Управниот суд што го поведе против премиерот Зоран Заев, дознава НОВА ТВ од извори во судот.

Каракамишева поднесе тужба против одлука на премиерот Заев донесена на седница на Владата на 11 јули, со која професорката се разрешува од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Професорката пред Управниот суд ја оспорила законитоста на Решението на премиерот Заев, а поднела и посебен предлог за времена мерка, со која барала да остане член на Одборот сè до правосилноста на пресудата поради постоење јавен интерес и барала да се забрани Владата да врши назначување на нови членови.

Управниот суд минатата недела донел одлука да ја отфрли тужбата.

„Во конкретниот случај со тужбата не се оспорува конечен управен акт, туку тужбата е насочена против Решение од Претседателот на Владата на РМ, што не претставува конститутивен управен акт донесен во управна постапка, туку е акт донесен за работи што спаѓаат во делокругот на работата на Владата“, пишува во образложението на пресудата.

 

Translate »