Ана Зафирова: 15 македонски дизајнери од користена зимска облека ќе направат нова

Петнаесет македонски модни дизајнери интервенираа на користена зимска облека како дел од хуманитарната акција „Сите стоплени во зима“ иницирана и поддржана од граѓанската платформа „Мрдни со прст“, а која што ќе финишира со модна ревија што ќе се одржи во среда, 31 јануари, во 20 часот во Младинскиот културен центар. Тргнувајќи од идејата дека облеката што ние не ја користиме може да биде корисна за некој друг, во декември и јануари на неколку пунктови низ Скопје беше собирана користена зимска облека, а дел од парчињата нашите дизајнери ги одбраа и рекреираа користејќи ја својата креативност. Крајните креации на модната ревија во среда ќе ги носат јавни личности, влезницата за ревијата е донација на користена облека, сите што сакаат да помогнат се добредојдени на настанот, а крајната цел е се собере што е можно повеќе зимска облека наменета за луѓето на кои им е најпотребна и да се подигне свеста дека секој од нас може да помогне ако малку мрдне со прст. Додека се подготвува ревијата, зборувавме со Ана Зафирова, промоторка на настанот, која подетално ни ја објасни оваа хуманитарна акција.

-Акцијата „Сите стоплени во зима“ која се реализира со поддршка од иницијативата „Мрдни со прст“ има цел да собере користена зимска облека за луѓето на кои им е најпотребна. Сè започна во декември, на определени пунктови во Скопје, каде се собираше облеката, а ќе кулминира со модна ревија на 15 водечки македонски модни дизајнери на која јавни личности ќе ги претстават нивните креации со користена облека.

Зошто се одлучивте токму за модна ревија и ангажирање на домашните модни дизајнери? Која е нивната улога, каква порака треба да испратат?

-Хуманитарни акции обединуваат околу заедничката цел. Модната ревија и вклучувањето на модните дизајнери во оваа акција се случи во насока на кревање на свеста кај граѓаните, за нивните сограѓани кои се соочуваат со недоволна количина на облека за да ја поминат зимата.

Нашата покана до дизајнерите беше безрезервно поддржана. Тие доброволно се приклучија и влеговме заеднички во акцијата „Сите стоплени во зима“. Низ кампањата дизајнерите, преку своите можни пораки ги покануваат граѓаните да ни се придружат за да ја направиме заеднички промената во општеството.

Благодарност до нив за поддршката, предаденоста, лобирањата и пред сè ентузијазмот со кој ни покажуваат дека заенички можеме многу.

Што подговуваат модните дизајнери за ревијата, дали интервенираат на користената облека или само ја комбинираат и ќе направат нов стајлинг од старите парчиња?

-Модните дизајнери добија користена облека и се впуштија во авантурата на нејзино „реоживување“. Секој воден од својата креативност и фантазија различно се справува со дадениот предизвик. Некои дизајнери прекројуваат, други сликаат и везат, трети принтаат и интервенираат со додатоци. Инстинктот и нивниот личен печат ги води низ процесот. Но, она што е заедничко за сите, е дека облеката која што им ја дадовме и облеката што ќе ја видиме на 31 јануари нема да биде иста.

kolaz-dizajneri_site-stopleni-vo-zima

Ревијата е всушност завршница на акцијата за собирање стара зимска облека, која во неколку серии иницира луѓето да подарат облека што веќе не ја користат и да ја донесат во одредени скопски кафулиња. Колкав беше интересот, дали сте задоволни од количината на собрана облека и кому е таа понатаму наменета?

-Досега е собрана одредена количина на користена облека, но акцијата е во тек и очекуваме таа количина најмалку уште да се дуплира/триплира. Невладините организации „Љубезност“ и „СОС Детско село“ се оние кои ќе ја доставуваат облеката до оние на кои таа им е најпотребна. Досегашниот тек на акцијата ни покажува дека имаме потенцијал да бидеме солидарни, но само треба да „мрднеме со прст“ и работите се менуваат.

Впрочем и во најавата за модната ревија стои дека влезницата е користена облека…

-Завршниот настан е модната ревија закажана за 31 јануари во 20 часот. Во реализација на ревијата покрај дизајнерите и јавните личности кои доброволно прифатија да бидат манакени на настанот, се вклучија и многу партнери. Благодарност до кафулињата кои беа собирачки пунктови, Младинскиот културен центар, Кариера Плус, волонтерите на „Љубезност“, „СОС Детското село“, и сите граѓани кои во различни форми ја поддржуваат акцијата. Настанот е од отворен карактер. Влезница е парче донирна облека, која ќе треба да се остави на определен пункт во МКЦ директно пред настанот. Сите граѓани кои сакаат да го погледнат овој перформанс се добредојдени.

Што после ревијата? Каде оди облеката што ја стилизираат дизајнерите?

-И оваа облека ќе биде некому подарена, затоа што тоа е целта. Секој заслужува топла облека, а ако дополнително таа е стилизирана од врвен дизајнер како што тоа е случајот во оваа акција, тоа е дополнителна вредност на целата идеја.

По овој настан, „Мрдни со прст“ се отворени за сите иницијативи на граѓаните. Се она што тие ќе одредат дека е приоритет, може да биде следна активност. Со прдружување на платформата Мрдни со прст и комуникација на http://www.mrdnisoprst.mk , граѓаните можат идејата заеднички да ја реализираат и да направат промена во околината во која што живеат.

Преземено од staylist.mk

 

Translate »