Анкета: Кого од светските политичари би избрале за свој лидер Македонците

Македонските граѓани повеќе го преферираат Владимир Путин за лидер на Македонија наспроти Доналд Трамп, но најголем дел не сакаат ниеден од нив да ја води државата, покажуваат резултатите од истражувањето „Глобално лидерство“ на Галуп интернешенел.

На прашањето за избор на лидер за Македонија помеѓу Путин и Трамп, 29 отсто од испитаниците се одлучиле за рускиот претседател наспроти 18 отсто кои би го поставиле претседателот на САД. Сепак, 46 отсто од анкетираните се определиле за таканаречениот кандидат „наспроти двајцата”, односно не би го поставиле ниту Путин ниту Трамп за лидер на Македонија.

Од земјите во регионот најголема наклонетост кон рускиот претседател Путин има во Грција со 59 отсто, Србија со 56 отсто, Босна и Херцеговина и Турција со по 50 отсто, Хрватска со 36 отсто и Бугарија со 26 отсто. За Трамп, пак, се граѓаните на Албанија со 58 отсто и Косово со 41 отсто.

На глобално ниво, Владимир Путин има поддршка од 29 отсто, а Доналд Трамп од 17 отсто од анкетираните.

На прашањето, пак, која земја треба да биде глобален лидер, секој четврти испитаник во светот, односно 25 отсто, се изјасниле за заедничко американско-руско лидерство, 19 отсто се определиле само за САД, а најголем број 43 отсто не сакаат никого како водечка сила.

Во Македонија, 26 отсто од граѓаните сакаат тоа да бидат заедно САД и Русија. САД ги преферираат 22 отсто од анкетираните, а најмногу 44 отсто не сакаат ниту една земја да биде светски лидер.

Анкетата на Галуп интернешенл е спроведена во декември и со неа биле опфатени 53.769 лица на глобално ниво. Во Македонија истражувањето го напавила БРИМА со теренска анкета, лице в лице, на 1.210 испитаници.

Translate »