“Четириесет правила на љубовта“-од Елиф Шафак

Од љубовта не може да се побегне, таа ги погодува и оние кои се трудат да ја избегнат!

Во многу погледи, дваесет и првиот век и не е толку различен од тринаесеттиот век. И двата ќе бидат забележани во историјата како времиња на нечуени религиозни судири, културни недоразбирања и општо чувство на страв и несигурност од другиот. Во вакви времиња, потребата од љубов е поголема од кога и да е. Таа е самата суштина и цел на животот. Независно дали доаѓа од западот или истокот, љубовта е подеднакво силна и важна за сите! Импресивна и воодушевувачка без оглед на религијата, полот или возраста, нешто без што е невозможно да се има исполнет живот.

А кога за љубовта пишува личност која пораснала и се образoвала на западот, жена со отворен, слободен ум, а која живеа на истокот, веќе сме испровоцирани да дознаеме нешто повеќе.

А токму таа желба да се дознае повеќе, да се проникне длабоко во сопствената душа, и да се испрати универзална и безвременска порака за важноста на љубовта, е причината да го имаме овој заводлив лиричен роман. Четириесет правила на љубовта, е новиот роман од светски познатата турска авторка Елиф Шафак, од чие перо доаѓа и веќе легендарното дело „Копилето од Истамбул”.

На еден волшебен начин Елиф ни ткае две паралелни приказни – едната современа а другата историска – и преку „четириесетте правила на љубовта“ ни ја доближува древната суфистичка филозофија што се заснова на единството на сите народи и вери и присуството на љубовта во секој од нас.

Ела Рубинстајн е четириесетгодишна несреќно омажена домаќинка што добива ангажман да прочита и да напише извештај за Слатко безбожништво – историски роман за судбоносната средба на исламскиот учител Руми и неговиот духовен водач, ексцентричниот дервиш скитник познат како Шемс од Тебриз. Жена со израснати деца, домаќинка која до одреден степен се има помирено со својата животна судбина, да живее за другите, задоволна од просечноста и помирена со недостигот на длабока љубов. Која со години се обидува да ја избегне љубовта, но на крај таа ја погодува,  и почнуваат промените! Притисната од личните проблеми, но и заинтригирана од мистериозниот автор Азиз З. Захара – фотограф, светски патник и суфист, таа започнува да се допишува со него.

Низ приказната за контроверзното духовно пријателство и улогата на дервишот во длабоката преобразба на Руми во посветен мистик, страстен поет и поборник за љубовта, и самата Ела доживува трансформација, сфаќајќи дека Азиз, исто како Шемс, дошол да ја ослободи.Четириесет правила на љубовта е магичен преплет на Истокот и Западот, на минатото и сегашноста, во една безвремена човечна и трогателна приказна што смело ги расветлува разликите меѓу религијата и духовноста, цензурата и сомилоста, стравот и универзалната љубов.

Во доба на длабоко вкоренето нетрпение и судири, Руми се залагал за универзална духовност, за џихад насочен кон внатре кон совладување на сопственото его, наспроти џихад насочен кон надвор, или т.н. војна против неверниците. Во време кога ретко кој се спротивставувал на стереотипите, Руми барал промени насекаде, а неговите големи идеи, го прават овој роман уште поинтересен.

Мистичен историски роман, кој ќе не потсети да се запрашаме за некои суштински животни прашања, длабоко потиснати и подзаборавени. Книгата изобилува со исклучително интересни разговори, историски теми, и разговор за проблеми кои сите не засегаат.

за авторот

Елиф Шафак е една од најнаградуваните и најчитаните современи турски писатели. Родена е во 1971 г. во Стразбур, Франција, а во тинејџерските години живеела во Мадрид, Шпанија, пред да се врати во родната Турција. Нејзиниот кос­мополитски дух се должи на годините поминати со нејзината мајка – дипломат во многу држави, како Германија, Јордан, и Америка. Но длабоко е поврзана со Истанбул, каде што денес живее со сопругот и двете деца.

Шафак пишува на турски и на англиски, а нејзините книги се преведени на повеќе од дваесет јазици. Во нејзините дела се провлекуваат мултикултурализмот, хуманизмот, родовите права, и суфизмот, во кои ги испреплетува усните преданија на Истокот и пишаниот збор на Западот.

Предава на универзитетите Istanbul Bilgi и Istanbul Bahcesehir, како и на Универзитетот во Мичиген и Универзитетот во Аризона. Пи­шува и за повеќе весници и магазини ширум светот меѓу кои: „Гардијан“, „Ле Монд“, „Берлинер цајтунг“, „Ханделсблат“, „Њујорк тајмс“, „Волстрит журнал“ и магазинот „Тајм“.

 

Translate »