Ако лифтот до успехот е расипан, секогаш постојат скалите – Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија

Градиме прв тренинг центар во Европа кој ќе има алтернативен начин на загревање. Веќе правиме посети на училиштата за да ги вратиме децата да спортуваат, здраво да се хранат, вели Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија

„Ако лифтот до успехот е расипан, секогаш постојат скалите“. Ова е мотото на Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Тој беше еден од говорниците на 27. издание на „Бизнис кафе Македонија“ кое синоќа се одржа во ресторанот и кафе-бар „Еквилибриум“ во скопската населба Аеродром. Друштво му правеа Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“ и Љупчо Зиков, новинар, сопственик и главен уредник на магазинот „Капитал“. Во опуштена и неформална атмосфера, тие со публиката ги споделија своите почетоци, патот до успехот, нивната позиција денес и идните планови.

Присутните ги поздрави Катерина Котлареска-Маневска, директор на „Актива Вел“, носител на лиценца за проектот „Бизнис кафе Македонија“, чија цел е преку организирано дружење со мали и средни претприемачи да се споделуваат информации, да се охрабруваат почетниците да влезат во претприемништво и да почнат сопствен бизнис.

Филип Поповски: Супер купот ја постави Македонија на светската мапа

Интересно излагање имаше Филип Поповски од ФФМ. Тој е веќе три години генерален секретар на Федерацијата. Измината година сите ќе ја паметат по организирањето на Супер купот на скопскиот Градски стадион, каде за титулата се бореа европските џинови во фудбалот Манчестер јунајтед и Реал Мадрид. Поповски е член на ФФМ од 2002 година. Бил на повеќе раководни функции во организацијата. Има завршено две магистерски студии – (Master in European sports Governance) при Sciences Po универзитетот во Париз и по човечки ресурси при мали и средни претпријатија при Меѓународниот Славјански унивезритет во Свети Николе.

Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ
Поповски вели дека треба да бидеш креативен во сè што работиш, постојано да следиш што се случува. Секој ден трча по пет километри и така се справува со стресот. Вели дека организирањето на Супер купот ја валоризирал работата на ФФМ и ја поставил Македонија на светската мапа.
– Имаме заработка меѓу 15 и 20 милиони евра и ова е пример како се соработува. Бидејќи сè е тимска работа – рече Поповски.Тој најави многу интересни проекти и нагласи дека не се занимаваат само со фудбал.
– Ние сме општествено одговорна организација. Градиме прв тренинг центар во Европа кој ќе има алтернативен начин на загревање. Веќе правиме посети на училиштата за да ги вратиме децата да спортуваат, здраво да се хранат – вели Поповски.
На прашањето за кој фудбалски клуб навива, тој рече:
– Манчестер јунајтед – засекогаш!

Бранка Бугариска: Не се откажувај… освен кога ќе сфатиш дека е вистинско време

Бранка Бугариска има импресивно и разновидно работно искуство. Со завршен Факултет за музичка уметност, почнати постдипломски студии и академска работа со студентите. Патот ја однел во светот на ПР-от. Осум години била ПР-менаџер и ПР-директор во маркетинг агенцијата „Њу момент“ кога ѝ понудиле друга работа.- Навистина беше тешко да се донесе одлука, особено кога си ја сакате работата, а колегите ги чувствувате како семејство. Но, предизвикот беше голем и сакав да видам како се работи во голема корпорација – раскажува таа.
Така следните три години ги поминала како маркетинг менаџер во софтверската компанија „Сивус“. Бугариска посетувала низа обуки и школи за маркетинг, менаџмент и комуникации, а поседува и МБА диплома.
Бранка Бугариска, директор на издаваштво „Арс Ламина“

На прашањето кое е нејзиното мото во животот таа вели:
– Не се откажувај… освен кога ќе сфатиш дека е вистинско време дека треба. Сите искуства што ги поминав во еден момент најдоа вистинско место и примена. Така се случи „Арс Ламина“. Почетнички грешки секогаш има – избрзани одлуки или погрешни проценки, но најважно е да се учи од нив – вели Бугариска.

Со оглед на тоа што издавачката куќа има широка област на делување – литература за деца, белетристика, учебникарство и дидактички материјали, детски списанија, таа објасни дека во најголем дел од овие големи сектори успеале на направат вистинска револуција.
– Поставивме нови стандарди во литературата за деца, која е многу чувствителна област. Во учебникарството мора постојано да ги следите реформите во образованието кои се бурни. Сите ми се драги, како кога ќе ја прашате мајката кое дете најмногу го сака. Сепак, најмногу се вложувам во списанијата. Навистина многу вложувам во нив – вели Бугариска.
„Арс Ламина“ во последните години е на листата на 200 најуспешни компании и е добитник на повеќе награди. Издава просечно околу 300 наслови годишно – белетристика, биографии, стручна литература, учебници, дидактички помагала, а од неодамна и училишни списанија. Компанијата, покрај со издаваштво, се занимава и со графички услуги, печатење, едукација, а има и сопствена мрежа на книжарници и образовен центар.

Љупчо Зиков: Само идејата е капитал. Сè друго е пари

Љупчо Зиков во 1999 година ја основал „Капитал Медиа Гроуп“ која го издава магазинот Капитал и веб порталот www.kapital.mk. Работел во повеќе медиуми: Дневник, Македонија денес, Форум, Телма, а бил и директор на МТВ и извршен директор и главен уредник на телевизијата Алфа.

– Веќе 26 години работам новинарство, „врсници“ сме со независноста на Македонија. Јас бев дел од првата генерација на двениот весник „Дневник“ кој почна да се издава во 1996 година. Беа тројца сопственици, и ние – неколку новинари. Таа славна генерација ги постави темелите на независното новинарство во Македонија. Во првиот момен почувствува, знаев дека еден ден ќе отворам мој весник. Цело време ја сонував приказната за „Капитал“ – раскажува тој.

Љупчо Зиков, сопственик на магазинот „Капитал“

Проектот го почнал во 1999 година, кога НАТО ја бомбардираше Србија.
– Беше време за сè, само не за нов бизнис. Во Македонија имаше 450.000 бегалци. Наскоро почна конфликтот во Македонија. Првите три години беа навистина тешки. Кога ги преживеавме, знаевме дека приказната ќе продолжи. Тоа е тој пркос. Имав 29 години. Некој почнуваше бизнис на таа возраст, некој стануваше премиер – раскажува Зиков.

Тој вели дека поентата е од претприемач-сонувач да се стане претприемач-градител. Смета дека во Македонија допрва треба да почне да се гради претприемништвото како сериозен бизнис и има голем потенцијал. Особено малите фирми во внатрешноста на кои им треба медиумско внимание.
На прашањето кое е неговото мото Зиков вели:
– Само идејата е капитал. Сè друго е пари. Сè уште верувам во тоа.

Translate »