Грчки медиуми: Горна Македонија е фаворит решение

Средбата Димитров – Коѕијас на 15 и 16 февруари, комплетирање на нацрт спогодбата од грчка страна и доставување во Скопје, лично од шефот на грчката дипломатија и евентуална средба на Заев и Ципрас, според дел од грчките медиуми, би можеле да бидат следните чекори во насока за постигнување на заемно прифатливо решение за името. Анализите во грчкиот печат се движат во ист правец, со коментар дека предлогот „Горна Македонија“ е името што преовладува како можно решение, за кое наводно, се согласуваат и Скопје и Атина, а до крајот на месецов, би требало да се знае дали целиот процес и разговорите ќе донесат договор меѓу двете земји.

„Клучна седмица за скопското прашање“; „Договорено е името, се забрзуваат преговорите“, „Средба во Брисел за Горна Македонија“, се насловите во анализите во весниците „Документо“, „Неа селида“ и „Прото тема“, како во однос на средбата Димитров – Коѕијас, така и во однос на разговорите за името што веќе од ниво на преговарачи се префрлени на ниво на министри за надворешни работи, јавува дописникот на МИА од Атина.

Средба Димитров – Коѕијас

Од особена важност и од клучно значење, според грчките медиуми е следната средба на шефовите на двете дипломатии. Местото засега официјално не е соопштено, но новинарите во Грција ги споменуваат Софија или Брисел како можна локација каде би се сретнале Димитров и Коѕијас.

Весникот „Неа селида“ пишува дека на средбата се очекува да се финализираат одредени важни точки за договорот и конечниот временски рок.

– На оваа средба ќе се оцени дали навистина сме блиску до договор, рекол за „Неа селида“, висок грчки дипломатски извор.

Со слична анализа е и „Прото тема“, дека по следните две средби на шефовите на дипломатиите ќе стане јасно дали до крајот на март е реално или не да се постигне договор.

– На 15-16 февруари се договорија да се сретнат министрите за надворешни работи на Грција и Скопје, Коѕијас и Димитров. Од стратешко значење е отстапката на Атина во прашањето за националниот идентитет, бидејќи името на националноста и јазикот во суштина се ставени на полица, се вели во анализата на „Прото тема“ и се додава дека средбата ќе се одржи во Брисел, а се очекува да започнат преговорите кои во основа ќе го имаат грчкиот предлог за нацрт спогодбата.

Нацрт спогодбата Коѕијас ќе му ја достави лично на Димитров во Скопје

Грчките медиуми, како што веќе објави МИА, минатата седмица најавија дека со промената на името на скопскиот аеродром, се отвора можност шефот на грчката дипломатија да го посети Скопје.  Сега, грчкиот печат, ова патување на Коѕијас до македонската престолнина го поврзува со грчката нацрт спогодба што Атина, треба да ја достави до Скопје.

„Неа селида“, повикувајќи се на свои информации, пишува дека по преименувањето на аеродромот, Никос Коѕијас размислува лично тој, авионски да замине за Скопје и на македонската страна да ѝ го достави нацрт договорот.

Со слична анализа е и „Прото тема“, исто така, повикувајќи се на свои информации, објавува дека шефот на грчката дипломатија, штом комплетно заврши преименувањето на аеродромот, на симболичен начин, со специјален лет, во Скопје ќе му ја достави на Димитров, нацрт спогодбата.

Според грчките весници, Атина привршува со составувањето на нацрт спогодбата на која работи група искусни експерти од грчкото МНР, а освен името ќе бидат вклучени и „чекори што ќе треба да се направат за отстранување на иредентизмот“.

– Според информациите и од Атина и од Скопје, за да се премости јазот, двете страни се ориентираат кон следната формула: спогодбата ќе споменува одредена формулација, која сѐ уште не е одредена, дека името ќе биде за сите употреби. Критично прашање е како секоја страна ќе го толкува ерга омнес. Грција од своја страна го толкува за внатрешна употреба, ПЈРМ само за меѓународна употреба, пишува „Прото тема“ и анализира дека второто прашање што се поставува е дали оваа спогодба, како меѓународен договор, ќе биде со важност над Уставот или не.

Заев

Можна нова средба Заев -Ципрас

Весникот „Неа селида“, јавува дописникот на МИА од Атина, не ја исклучува можноста да има и нова средба на премиерите на двете земји, можеби во Солун, доколку „Скопје“ јасно стави до знаење дека има намера да ги прифати основните елементи на грчкиот предлог“.

– На скопската страна ќе ѝ се даде разумно време за да ги достави нејзините забелешки пред да се формира конечната верзија и доколку нема некоја ненадејна пречка, може да дојде до нова средба на високо ниво на Алексис Ципрас со Зоран Заев и до, како што посакува Атина, потпишување на еден меѓународен договор, пишува грчкиот весник.

Горна Македонија – фаворит за решение

Изјавата на македонскиот премиер од минатата седмица дека Македонија прифаќа сложено име, грчките весници „Неа селида“ и „Прото тема“ ја поврзуваат со предлогот Горна Македонија, како име што преовладува за евентуален договор.

– Според добро информирани извори, западен фактор, во позадина, силно ги притиска и двете страни, со цел што е можно побргу да се постигне договор. Резултат на овие притисоци е дека има поклопување на ставовите во однос на името. И покрај тоа што сѐ уште нема конечен договор, Горна Македонија, во словенска варијанта се смета за фаворит, објавува „Прото тема.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *