Интензивно вложуваме во подобра фудбалска иднина-Филип Поповски-Генерален секретар во ФФМ

  1. На 15 февруари во рамките на куќата на фудбалот на ФФМ, свечено со присуство на Председателот на УЕФА, го отворате и делот планиран како сместувачки центар за фудбалери. Што се вклучува овој комплекс?

Ова преставува еден вид затворање на последниот сегмент од проектот Академија на ФФМ и УЕФА, каде овој сместувачки комплекс ќе биде дел од Куќата на фудбалот при тренинг центарот Петар Милошевски. Но исто така и една нова етапа во однос на развојот на елитниот младинскиот фудбал под капата на ФФМ. Самото присуство на највисоката делегација на УЕФА преку г-динот Чеферин, Претседател на УЕФА и г-динот Лакович, Директор на одделот за национални асоцијации, како и ФИФА преку Марко ван Бастен – Технички директор и Бјорн Васало директор на оддел за национални асоцијации Европа, дава до знаење дека ФФМ се наоѓа на вистинскиот пат следејќи ги своите приоритети.  УЕФА и ФИФА ги препознаа приоритетите на ФФМ и затоа преку нивните развојни програми, допринесоа на нашата заедничка цел:  креирање на подготвени, силни, професионални фудбалери кои ќе бидат предводници на своите клубови и носители на играта на македонската репрезентација. Овој комплекс вклучува 55 легла, 2 училници за изведување на настава и предавања, простор за заедничко дружење и релаксација и кујна и простор за исхрана. Истиот тој е поврзан и внатрешно и надворешно со административниот дел на Куќата на фудбалот како и со економатот каде се наоѓа спортската опрема за Академијата вклучувајќи ги и пералните.

Комплексот е дел од проектот за енергетска ефикасност и користење на алтернативни извори на енергија, каде во моментот загревањето и ладењето се врши со помош на постоечките геотермални пумпи, а во блиска иднина ќе следи и дополнително поставување на соларни панели за добивање на енергија. Исто така ќе бидат поставени и канти за отпад како и дел од концептот управување со отпад и заштита на животната средина.

  1. Што тој ќе значи како инфраструктура поддршка за развојот на младинскиот фудбал во Македонија?

Главниот предизвик на Федерацијата согласно овој проект беше во целост да се рализира концептот за воспоставување на Академијата, кој во моментов е комплетно постигнат. Досега, членовите на Академијата беа сместени на различни локации и навистина преставуваше предизвик секојдневното патување на релација училиште – тренинг – сместување. Сега веќе тоа е минато. Целта на академијата е да се изработи развоен годишен план кој покрај тоа што ќе ги покрива активностите и работата во однос на техниката, принципите на играта и се останато што е поврзано со фудбалот, исто така ќе им ги овозможи на своите членови и сите пропратни елементи почнувајќи од сместување, соодветна исхрана и нутриционистички план, здравствени и рехабилитациски услови, па се до реализирање на редовна едукативна програма. Елементи кои се од суштинско значење за развој на еден фудбалер. И сето тоа на едно место, во Куќата на фудбалот при тренинг центарот Петар Милошевски.

  1. Ни следат два пријателски натпревари со Финска и Азербејџан, како дел од подготовките за Лигата на нации. Каква е атмосферата во ФФМ?

ФФМ со својот персонал секогаш стои на располагање на своите репрезентации било тоа да се пријателски или квалификациски натпревари. Тоа е дел од нашите обврски и сме горди кога ги извршуваме во насока на постигнување на одлични услови за бранителите на македонскиот дрес. Како морална сатисфакција преставуваат сите позитивни резултати кои ги имавме во изминатиот период и верувам дека истите ќе продолжат и понатаму. Во текот на месец Март имаме две пријателски средби, кои ќе се одиграат во Белек, Турција, но исто така работиме и на комплетирање на средбите кои треба да се одиграат во месец Мај и Јуни пред почетокот на Светското првенство во Русија, а се дел од термините одредени од ФИФА: Сето тоа во насока, на подготовки пред почетокот на Лигата на нации, која преставува навистина реално но и не така наивно натпреварување кое води на Европското првенство 2020.

 

  1. Фудбалот е планетарно популарен спорт, кој подеднакво го сакаат сите возрасти, мажи и жени. Во Македонија предизвикува се поголем интерес и кај женската публика, како за гледање така и за натпреварување. Што правите на полето на дополнителна популаризација на женскиот фудбал?

Популаризацијата на женскиот фудбал на светско ниво расте во енормни размери. Како пример ќе го наведам последното Европско првенство за жени кое се одигра во Холандија со рекордни бројки на посетеност, приходите од ТВ права, маркетинг итн. една од целите на УЕФА е да го направи женскиот фудбал број еден женски спорт во Европа. Ние во текот на минатата година, не можеме да се пофалиме многу со активности во овој дел поради приоритетит кон другите области. Но затоа оваа полусезона или второто полугодие од училишната 2017/2018, посебно сме горди што започнуваме со нов проект „училишен фудбал„ каде заедно со Aсоцијацијата за училишен фудбал се стремиме за пораст на бројот на фудбалери. За овој период планирани се 40 основни училишта каде учество ќе земат учениците од 2-3 одделение и 4-5 одделение Тука во една екипа ќе има најмалку по две девојчиња. Ќе следат активности поврзани со популаризација на грасрут настаните само за девојчиња како што ги правевме и во минатото во поголемите градови од државата; организирање и учество на развојни и квалификациски турнири потпомогнати од УЕФА; ќе субвенционираме тренерска едукација за сите девојки кои веќе имаат УЕФА Б диплома; воведување на клубски лиценцен систем за клубовите од првата женска лига од следната сезона; ќе помогнеме со опрема и фудбали онаму каде што ќе биде најпотребно. Во моментов се работи и анализа за можно враќање на женската сениорска репрезентација, за следните квалификации кои треба да започнат во 2019 година како континуитет на оние фудбалерки кои веќе имаа свои настапи за репрезентациите до 17 и 19 години. Сето тоа го правиме затоа што фудбалот ни е на прво место, создаваме можности.

  1. Ни следи и учеството на у19 репрезентацијата на реномирано натпреварување. Имаме континуитет на успеси. Колку тоа лично Ве исполнува?

Како што наведов и претходно, сите успеси на нашите репрезентации ме исполнуваат. Не само репрезентацијата до 19 години туку и репрезентацијата до 17 години која во месец Март која за прв пат ги игра квалификациите од елитната рунда и тоа на гостување во Полска.  И двете млади репрезентации имаат тешки групи, но искуството што ќе го здобијат играјќи против квалитетни репрезентации на свои врсници ќе им даде можност да се издигнат едно ниво погоре.

Ме исполнува што за прв пат минатата година се зборуваше насекаде за младите фудбалски репрезентации, за новите имиња кои допрва имаат шанса да се докажат колку вредат, а веќе настапуваат за тимови во европските земји.

Но тука им е потребна и нашата поддршка. Затоа, ве поканувам сите да дојдете и да ги бодрите младите репрезентативци до 19 години, кои квалификациите ќе ги одиграат тука кај нас, во Скопје на тренинг центарот Петар Милошевски и Националната Арена Филип II во периодот од 20-27 Март против Англија, Унгарија и Латвија.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *