Кредитната задолженост на граѓаните и на фирмите во банките на крајот на јануари годинава изнесувала 4,79 милијарди евра. Во декември кредитната изложеност изнесувала 4,85 милијарди евра со што на месечно ниво, во апсолутен износ забележано е намалено кредитирање за 62 милиони евра.

 

Како што информираат дел од банкарите трендот на пад кај кредитирањето е очекуван. бидејќи се порамнува финансиска година,се затвораат долгови и се отпишуваат ненаплатливи побарувања.

Исто така во првиот месец од годината кај вкупните кредити е евидентирано намалување од 1,3% на месечна основа, додека анализирано на годишна основа, стапката на кредитен раст изнесува 6,1%.

Како што појаснуваат од Народната банка на РМ кај кредитите на корпоративниот сектор во јануари се бележи месечно намалување од 3,1%, додека споредено на годишна основа регистриран е раст од 2,9%. Притоа, најголем придонес во месечните и годишните промени имаат кредитите одобрени во денари.

– Во јануари кај вкупните кредити на домаќинствата е регистриран месечен и годишен раст од 0,8% и 9,7%, соодветно, при што зголемената кредитна активност во најголем дел се темели врз денарските пласмани -информираат од НБМ и појаснуваат дека според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија – потрошувачките кредити, стапката на годишен раст во јануари изнесува 11,3%, без промени на месечна основа.

Станбените кредити бележат месечен и годишен раст од 1,1% и 15,2%, а во првиот месец од годината, автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички забележаа месечен пад од 1,4% и 0,3%. Токму затоа дел од банките за да го стимулираат кредитирањето на населението, но и да се справат со конкуренцијата, влегоа во процес на позначајно олеснување на кредитните услови.

Анализите велат дека вредноста на вкупните депозити во банките, исто така, на крајот на јануари годинава изнесувале 5,46 милијарди евра и во однос на декември, кога биле 5,51 милијарда евра, се регистрира намалување за 47 милиони евра.

Од НБРМ за состојбите велат дека кај штедењето во денари има пад, додека кај штедењето во девизи има пораст, односно на крајот од јануари денарските депозити достигнале 3,22 милијарди евра, со што се здржува нивната доминација во валутната структура на вкупните депозити, со удел од 67,1%.