Исто така, во Законот за јавна чистота се пропишува дека во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите.

Глоба во износ од 1 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект. Глоба во износ од 4 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови. За овие прекршоци глоба во висина од 30 % од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

И граѓаните можат да ја тужат општината

Адвокатите посочуваат дека доколку граѓанин се повреди поради неисчистен снег, ќе може да ја тужи општината или пак правното лице кое е должно да го исчисти снегот во согласност со Законот за јавна чистота.Но, додаваат адвокатите, тоа зависи од местото на случувањето на настанот, односно дали просторот за чистење на снегот е во надлежност на општината или пак на правното лице.

„Во таков случај општината или пак правното лице се пасивно легитимирани и граѓанинот може да ги тужи. Но, она што е важно да се знае и што е битно за една ваква постапка е обезбедувањето на службена белешка и медицинска документација. Се разбира, пожелно е да има и сведоци очевидци на настанот“, истакнува адвокатот Владимир Бангиевски.

За поблиското уредување на односите за одржувањето на јавната чистота општините донесуваат одлуки

Од аспект на надлежностите на локалната самоуправа, во членот 10 од Законот за јавна чистота се вели: „За поблиско уредување на односите за одржувањето на јавната чистота, советот на општината, на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје донесува одлука“.

Со оваа одлука се регулираат одржувањето на јавната чистота на јавните површини, начинот на користење на јавните површини и собирањето на сметот, чистењето на снегот и мразот, отстранувањето на предмети кои ја загрозуваат јавната чистота, како и мерките за спроведување на одлуката.

„За чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите.

Обврските од претходниот став траат непрекинато секој ден од 6:00 до 02:00 часот, за наредниот ден за време на зимски услови“, се пропишува во членот 16 од Одлуката  за начинот и постапката за одржување на јавната чистота, собирање и транспортирање на комуналниот цврст и технолошки отпад на подрачјето на Град Скопје.

Во членот 17 од оваа одлука се пропишува дека за чистењето на снегот од тротоарите пред деловните објекти, за посипувањето на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од дворовите што припаѓаат на објектите, како и за чистењето на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите, се грижат претпријатијата, установите и другите правни и физички лица.

Град Скопје упати апел за чистење на снегот

Ако во приземјето на станбена зграда има деловен простор, за чистењето на снегот од тротоарот пред просторот и за посипувањето на тротоарот со соодветен материјал должен е да се грижи сопственикот, односно корисникот на деловниот простор. За чистењето на снегот и за посипувањето на тротоарот со соодветен материјал пред објект во изградба се грижи изведувачот на работите.

Поради најавените екстремно ниски температури во текот на наредните денови, Градот Скопје апелира до граѓаните, до куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска и да го исчистат снегот од приодите до нивните објекти.

„Доколку навреме не се исчисти снегот од приодите до објектите, постои можност од појава на голомразица која ќе го отежни движењето на граѓаните и извршувањето на секојдневните обврски. Зимската служба на Градот Скопје будно ја следи состојбата на терен и, во согласност со надлежностите, интензивно ги расчистува градските улици и булевари, плоштадите и приодите до јавните институции и згради. Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување“, велат од Град Скопје.