Колективните постапувачи за отпад основани од бизнис секторот се добро решение. Недостига институционална поддршка!

loading...

Управувањето со отпадот воопшто станува се поактуелна тема во земјава. Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад при Стопанската Комора на Македонија смета дека предлогот на Владата привремено да ги превземе ингеренциите од општините со цел побрзо решавање на регионалното управување со отпадот е позитивен чекор во побрзо решавање на проблемите со отпадот.

Во Македонија се создаваат годишно над 700.000 тони  различен отпад, од кои над 100.000 тони се отпад од пакувања, над 15.000 тони електронски и електричен, над 70 тони мали батерии и над 3.500 тони акумулатори. Ова според Асоцијацијата е над 20% од вкупниот отпад, но се уште има голем број компании кои не ги почитваат законите со кои се задолжени да го пријавуваат отпадот што го создаваат и да финансираат негово одделно собирање и рециклирање, истакна Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата.

Компаниите во Асоцијација се значаен дел од решението за интегрирано управување со отпадот, посебно затоа што се работи за фракции од отпадот кои или се рециклираат (отпад од пакување, акумулатори, метална електрика) и имаат вредност, или неправилното менаџиирање може да има сериозни последици за здравјето на луѓето и животната средина воопшто (батерии, електронскиотпад, отпадни масла, гуми..)

Како придoнес кон поефикасно решавање на проблемите со отпадот и учење од земјите кои се понапред од нас во управувaњето со отпадот Асоцијација на компании за управување со посебните текови на отпад, на 13.03.2018 година организира Меѓународна Конференција ЕВРОПСКИТЕ ИСКУСТВА ЗА УЛОГАТА НА КОМПАНИИТЕ КОИ УПРАВУВААТ СО ПОСЕБНИТЕ ТЕКОВИ НА ОТПАДОТ – СЕГА И ВО ИДНИНА“.  

На оваа конференција ќе учествуваат директори на најголемите компании- колективни постапувачи од Германија, Чешка, Бугарија и од ЕКСПРА (асоцијацја на колект.постапувачи со седиште во Брисел) кои ќе ги пренесат искуствата од нивните земји каде законите за управување посебни текови се на сила повеќе од две децении.

Асоцијацијата смета дека моделот кој сега го имаме со колективни постапувачи формирани од индустријата е добар и дека недостасува институционална поддршка за негово полно имплементирање. Соработката со општините мора да биде на повисоко ниво, како и санкционирањето на компаниите кои пуштаат отпад на пазарот, отпад од посебни текови, а не финансираат системи за негово собирање и рециклирање. Решавањето на проблемот со неформалните собирачи мора да се стави високо на агендата на општините и институциите.

Поради ова, на Конференцијата се поканети и ќе учестуваат и релевантни претставници од Владата, МЖСПП, ДИЖС како и на ЗЕЛС како асоцијација на општините, како и претставници на рециклаторите на овие типови отпад. Се очекува дека низ размена на искуства и дискусии ќе се дојде до предлози за решенија кои се апликативни за Македонија, а истите ќе бидат вклучени во претстојните законски измени кои се во изработка во МЖСПП.

Напомена: Членки на Асоцијацијата за управување со посебни текови отпад се компаниите за управување со отпад од пакување Пакомак и Еуро-Екопак, како и компаниите за управување со батерии,  акмулатори и електричен и електронски отпад Нула Отпад, Елколект, Екон електрон  и Таб-Мак. Како самостоен постапувач со отпад член е и Цементарницата Усје.

 

Translate »