Грците стокмија нацрт договор за името, Коѕиас ќе го донесе во Скопје наредната недела

Околу шеесетина експерти од грчка страна, во различни области го пишувале нацрт-договорот за проблемот со името, дознава телевизија Алфа од дипломатски извори во Атина. Во креирањето на одредбите учествувале правници од Грција, но и врвни познавачи на меѓународното право од надвор – странци и Грци кои не живеат во соседната земја.

Меѓу 60-мината има и претставници на меѓународни организации за човекови права, но грчката прецизност отишла до таму што учествувале дури и стручњаци за делот на имињата на интернет страниците, односно за кратенките од типот „мк“ или „мкд“. Ангажирани биле и  експерти врвни во областа за креирање на брендови.

Mинистерот Коѕијас ваквиот договор го претставил пред своите колеги на вонредна владина седница, а се очекува   документот да го донесе во Скопје следната недела.

Официјална Атина сака да спречи какво било протекување на документот во јавноста, како и да избегне дипломатските консултации за прашањето да се појават на насловните страници во медиумите. Поради тоа, Коѕијас лично ќе му го претстави грчкиот нацрт-договор на македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров.

И додека дипломатски извори велат дека грчкиот премиер Ципрас води борби на повеќе полиња за да го затвори прашањето на името, неговиот коалиционен партнер од  ” Неазвисни Грци ”  Димитрис Каменос не верува во разврска.  Тој во интервју за грчката ТВ Скај изјави дека само со промена на таблите и името на аеродромот не може да се постигне решение туку потребни се и уставни промени.

„Мислам дека вака како што оди, нема многу простор. Нема да постои решение. Овие луѓе не можат да ги сменат работите што ние ги сметаме за неопходни и треба да се направаат како гаранција. Ни говори (Заев) за меѓународен договор, вели ние нема да промениме јазик, нема да смениме ништо, нема да го промениме Уставот, само табли менуваат“, изјави Каменос.

 

Translate »