Каде Македонците ги чуваат нивните пари?

„Комерцијална банка“ на крајот на 2017 година има депозитна база од 1,466 милијарди евра. Во споредба со 2016 година нејзината депозитна база е зголемена за 69 милиони евра. Пазарното учество на „Комерцијална банка“ во масата на вкупни депозити е 26,6 отсто и тој сооднос бил ист и во 2016 година.

„Стопанска банка Скопје“ е на второто место со депозити во износ од 1,113 милијарди евра односно раст од 45 милиони евра во однос на 2016 година. Нејзиното пазарно учество е 20,2 отсто и во однос на 2016 година бележи намалување од 0,3 отсто. Очигледно е дека банката немала приоритет за привлекување нови депозити во 2017 година што е податок што укажува на нејзината ликвидност.

НЛБ Банка Скопје на крај на 2017 година имала депозити во вредност од 980 милиони евра и тие бележат раст во однос на 2016 година од 54 милиони евра. Нејзиното пазарно учество е 17,8 отсто и во однос на претходната година се зголемило за 0,1 отсто.

ХАЛК Банка Скопје е на четвртата позиција со 401 милиони евра депозити. Во однос на 2016 година тие пораснале за 71 милиони евра што е најголем раст во апсолутен износ. Процентуално нејзиното пазарно учество е 7,3 отсто и е поголемо за 1 отсто што е убедливо најголем раст во конкуренција на други 13 банки.

Петопласирана е Охридска банка која чува 397 милиони евра што е помалку за 16 милиони евра од претходната година. Нејзиното пазарно учество е 7,2 отсто.

На шестата позиција е „Прокредит банка“ со депозитна база од 236 милиони евра, а по неа седмата позиција ја делат „Уни банка“ и „Шпаркасе“ и двете имаат по 193 милиони евра со таа разлика што кај „Уни банка“ депозитите пораснале за 16 милиони евра, а кај „Шпаркасе“ се намалиле за 7 милиони евра. „Еуростандард“ е деветопласирана со 129 милиони евра, а десетта е „Стопанска банка Битола“ со 113 милиони евра. Последна од банките кои имаат над 100 милиони евра депозити е „Централна кооперативна банка“ која лани имала 103 милиони евра со пазарно учество од 1,9 отсто. Групата на трите најмали банки ја преводи ТТК Банка со депозитна база од 90 милиони евра, пред „Силк банка“ со 74 милиони евра и Капитал банка со 29 милиони евра.

Translate »