Не е важно колку си добар, туку колку сакаш да бидеш добар!

Зошто лошите работи ги помниме почесто и подолго од добрите? Зошто по само една лоша работа прекинуваме релации со одредени луѓе, и сме им интензивно лути, и покрај тоа што предходно направиле дузина позитивни и убави работи за нас? Тенденции, кои ќе се сложите, се присутни кај повеќето луѓе. Тоа што се лутиме, и не е толку лошо, колку што е лош фактот дека со тоа си правиме уште повеќе лошо на себе. Овозможуваме со нас да доминира негативната енергија, и често да изгубиме или пак да се оддалечиме од луѓе кои се наши вистински пријатели.

Зборот ми е, дека треба да ги гледаме работите подлабоко, и на подолг рок. Оваа констатација води кон друга, дека стануваме многу неблагодарни, односно како сите на светот за нас да функционираат. Подолу и еден мој пример,  а за слични сум се изнаслушал.

Неодамна еден пријател побара помош да му завршам една работа. Немав дилема, особено поради фактот дека тоа го правам за пријател. Во моментот кога ја завршив работата, од негова страна не слушнав ниту благодарам, ниту барем една насмевка, гримаса на одобрување. Во моментот ми падна тешко бидејќи сепак изгубив доста време. Му беше тешко да каже барем едно благодарам, или пак како да ти се оддолжам “да те честам едно кафе”. Ме нападна мисла дали вредеше времето кое го потрошив за него. Почитта кон моето време искажана со неколку букви, “фала ти” сепак не ја добив.  Не сум сигурен дали вреди следниот пат да му се помогне.

Тој однос, независно дали се дефинира како недостаток на култура, момент на лошо расположение, непрофесионалност или било што друго, негативно влијае на личните и пред сè на бизнис релациите. Вакви или слични ситуации често ни се случуваат во животот и во работата. А доколку ги разгледаме односите со другите луѓе можеме да заклучиме дека најмногу се трудиме за оние кои знаат да ја ценат и пофалат нашата работа и труд. Некогаш е доволен еден збор, краток меил, за да  нашата мотивираност биде на високо ниво. Луѓето сакаат потврда за сработеното! А кога ќе и се заблагодарите на личноста која ви помогнала и пред други луѓе, ќе направите таа да се чувствува добро и благородно. Ќе му ја наполните душата. А таа особа секогаш ќе сака да ви помогне.

И доколку тоа го знаеме, зошто и така да не се однесуваме, и да си помогнеме себеси. Потребно е само малку позитивна енергија, поинаков однос за многу работи во нашиот живот да бидат поубави. Или како што рекол познатиот адвертајзинг гуру Пол Арден не е важно колку си добар, туку колку сакаш да бидеш добар.

Денес животот е толку брз и немилосрден што едноставно немаме време и можности за поправен испит. Не смееме да дозволиме вистинските луѓе да изчезнат од нашиот живот. Позната ни е поговорката “убавиот збор железна врата отвора”. Не заборавајте дека зборот “фала” и вашата насмевка можат да бидат вашата карта на патот до успехот. А својата благодарност да ја искажете на свој начин.

Што би рекол Џим Кери “yes man”,  во истоимениот филм, во кој си има зададено едногодишен завет, дека цела година ќе кажува само “yes man”, со цел да го подобри квалитетот на своето живеење. Затоа, нека не ве чуди зошто доминантните американци се секогаш насмеани, и за секоја најмала ситница се заблагодаруваат, а дека за кинезите не постои зборот НЕ. Кинез никогаш нема да ви каже не, или неможам, па макар е 100% сигурен дека не може да ја заврши таа работа. Затоа македонци не бидете намќори, и почесто смеете се!

Не ја потценувајте моќта на заблагодарувањето. Меѓутоа правете го тоа секогаш од срце. Доколку тоа е лажно и неискрено ќе остварите спротивен ефект.

Колумна-Сашо Дуљанов-Експерт за Комуникации

Translate »