Кафе, фала сам ќе си го направам!

loading...

Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која  си ја умислуваме, оти најлесно е кога се зборува за другите. Токму затоа и најчесто им забележуваме на другите, а ретко кога на самите себе. Сопствените грешки брзо ги забораваме, понекогаш несвесно ги потиснуваме како и да не се случиле, а на другите знаеме да им се лутиме.

Разговараш со некого, сте се договориле нешто, сте се ракувале а веќе утре тој тврди нешто спротивно. Ви се случило ова некогаш нели?! Ја продолжувате конверзацијата, “Ама нели рековме вака и вака, па дури и пренесувате целосна, автентична негова изјава” но тој веќе не се сеќава.. Се сеќавам и од поодамна на еден познаник Кире, кој од кај мене дома на телефон, поканува девојка на состанок, таа ладно го одбива, за да веќе следниот, кога го прашав дали пак и се јавил на Делфина, тој чудно ме погледна, и искоментира пак: па кога јас сум се јавил, за да се јавам сега пак.. Колку сме ние луѓето интересни!

Дефинитивно секој од нас има две човечиња во себе, едно добро, а друго лошо, едно совесно и одговорно добро воспитано човече, а другото покварено мангупче. Човечиња кои постојано се борат меѓу себе, и кога едното не му дава на другото да дојде до израз. А противречни сме многу..попладнето сме хумани, и донираме за настраданите во Србија и Босна, а веќе навечер со палка во рака кршиме излози на продавници во општина Ѓорче Петров, и извикуваме неубави работи!

Противречностите постојано не опкружуваат, а честопати се дел од нас. Знаеме дека со одредено однесување само ќе си нанесеме штета, и пак продолжуваме..бидејќи гордоста и суетата не не пуштаат да се ослободиме. А најчесто самите си ги создаваме неприликите, негативното чувство и се измачуваме..не можејќи да се поставиме над одредена ситуација.

Дали сте забележале дека кога не се занимавате со приказните за другите луѓе, кога си ја гледате само својата работа, дека не само што сте попродуктивни туку и подобро се чувствувате. Тоа е дефинитивно така бидејќи лошите мисли влечат само надоле, и од нив нема никаква корист. Се сеќавам сѐ уште јасно, на двајца бивши колеги, пајташи по цигари и оговарање, кои кога ги набљудуваш од далеку, од очите им се гледаат злобните муабети, оговарања, а кога ќе се појави некој од претпоставените, очите веднаш им се исплакнати, насмевката им се појавува, и се е нормално, а тие брзо забораваат на нивниот муабет од пред само некоја секунда…

Уште поинтересна е една телевизиска приказна која беше емитувана пред повеќе години кај нас, за наводно исклучително културен и друштвен колега кој наутро на своите колеги со насмевка и услужливост им правел кафе на своите колеги, за да цел колектив ден по ден заврши во болница. Крајно љубезен и друштвен навидум, а внатрешноста всушност исполнета со зли намери и лоши мисли…Имено, дотичната личност на своите соработници им ставал отров “метомил” во кафето, изјавувајќи тогаш “Во канцеларијата чував мешавина од билки, која ја користев за да ги смирам дивите кучиња што ме напаѓаа додека берев растенија на планина. Таа не е штетна за здравјето на луѓето . Се сеќавам дека и по овој настан, на смеа честопати ќе речев благодарам,  не сакам кафе, сам ќе си направам.  Можеби ова е и несоодветен пример, за психичко растроена личност, но сигурно постојат многу побезазлени форми на противречно однесување кај секој од нас.

За крај…. Во што ќе се претвориме зависи од самите нас. Јас избирам  Но секако, подобро е да одбереме постојана етичност и лична одговорност во секоја ситуација, да работите вредно за да создадете нешто од себе, и за своите најблиски, да не ги повредувате другите или барем што помалку, бидејќи некогаш и несвесно, несакајќи тоа и ќе се случи. Но, најважно е да не се поведуваме како стадо овци, ако некој крши прозори на продавници, и од за него непознати причини мрази некого,  зошто и Вие да го правите истото ?! Да, во група се чувствуваме посилни, но секогаш е подобро да делуваме индивидуално според своите сопствени убедувања, и систем на вредности. Само така би биле свои, а помалку туѓи. И ако некој некогаш ве одбил, зошто да се срамите од тоа, барем сте се обиделе.

 

 

 

 

Translate »