Медиумските работници примаат плата под просек

Речиси 45 проценти од македонските новинари примаат плата пониска од државниот просек кој изнесува 22.808 денари. Ова го покажува новата анкета на Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) спроведена во јули и август годинава користејќи го интернет-сервисот Survey Monkey.

ССНМ консултира 127 медиумски работници, од кои околу 80 отсто работат како новинари, а другите се уредници, фоторепортери, сниматели или други технички лица кои се ангажирани во медиумите.

Кога процентите ќе се претворат во бројки, излегува дека 57 медиумски работници од 127 кои ја пополниле анкетата на ССНМ земаат плата помала од 22.000 денари.

Иако 45 проценти се под просекот, други 40 отсто од анкетираните новинари и медиумски работници, или 51 од испитаниците, имаат плата чиј износ се движи меѓу просечната и 30.000 денари.

Ако се соберат овие два процента, излегува дека 85 отсто од луѓето во медиумскиот бизнис во Македонија со својата плата не ја пробиваат границата од 500 евра, односно само нивните примања не се доволни да се покрие потрошувачката кошница на едно четиричлено семејство, која изнесува околу 32.000 денари и која ги покрива минималните потреби на една фамилија.

Translate »