Литиум е новото бело злато, наместо нафтата

Литиумот за батерии веќе ја менува геополитичката слика на светот. Чиле го нарекуваат Саудиска Арабија на иднината, бидејќи има најголеми резерви на литиум во светот. Неговиот електрохемиски потенцијал го направи стратешки метал за иднината на автомобилската индустрија, пренесува „Јутарњи лист“.

Побарувачката за литиум во светот е се поголема. Најголем производител на литиум-јонски батерии е Кина, а најголеми европски потрошувачи се Германија, Велика Британија и Франција. По глава на жител водат скандинавските земји, особено Норвешка.

„Фолксваген“ најави инвестиции од 10 милијарди долари само во Кина, за производство на 80 различни модели на батерии, како и за продажба на три милиони електрични возила до 2025 година.

Во чиста форма литиумот е мек метал со сребрена боја, кој многу брзо оксидира кога ќе дојде во конакт со воздух или вода. Тој е и најлесен од цврстите елементи. Производството и употребата на литиум претрпе драстични промени низ годините. Постапката за добивање на литиум карбонат во Чиле, навидум е лесна, ако се занемарат еколошките проблеми. Концентрацијата на литиум во водата е голема, а силното испарување и ретките врнежи дожд го прават проиводството во Атакама доста профитабилно.

По дополнителната обработка, т.н. „бело злато“ се пакува во вреќи од по 500 килограми кои на пазарот вредат околу 8.000 долари, што е значително помалку по разбивањето на азискиот монопол од 2016 година. Во последните 10 години Чиле произведе скоро 30 отсто од светските потреби за литиум, но корупцијата си го направи своето и населението не ги почувствува ефектите од профитабилниот бизнис.

Translate »