Ангеловски: Во репрезентацијата ќе бидат само оние што заслужуваат

Фудбалската репрезентација на Македонија (ФФМ) активно бара противник за пријателскиот натпревар кој треба да се игра пред крајот на мај, а Игор Ангеловски, селекторот на А-тимот, полека го крои списокот и најави дека на истиот нема да има промени.

Предводникот на најдобрата селекција во изјава за Gol.mk вели дека само најдобрите фудбалери ќе го носат дресот на А-селекцијата, а на тестот кој ќе биде за Лигата на Нации, иако е во неофицијален ФИФА-термин, ќе ги повика истите фудбалери од претходните средби.

„На овој тест ќе играат истите фудбалери што беа тука и претходно и со своите настапи заслужено добија повици. Сите фудбалери со своите игри заслужија да се репрезентативци на Македонија на претходниот список. Ги пратам сите фудбалери од нашата земја, се радувам на нивните настапи и голови, но во А-тимот ќе бидат повикани само најдобрите и  фудбалери на кои сметам во Лигата на Нациите. Мора добро да се подготвиме и да влеземе во форма во натпреварувањето затоа што сакаме успех“, вели Ангеловски.

Со оглед на тоа што се работи за неофицијален термин, во составот може да нема неколку лидери од евроспките лиги, меѓу кои се Александар Трајковски и Илија Несторовски, кој е повреден, но постои можност да се врати. Се ќе зависи од Палермо и нивниот пласман во Серија Б, односно дали директно ќе се пласираат во калчото, или ќе бараат место во елитата преку бараж.

„Јас како што кажав ќе ги повикам сите на кои сметам, а на клубовите ќе биде да одлучат. Ќе посегнеме при принудно решение ако некој не се јави на повикот поради клупски обврски. Ги пратам сите што играат“, дециден е селекторот.

Во игра се неколку репрезентации за пријателската средба, но Ангеловски и ФФМ ќе соопштат кој ќе ни биде мајски ривал кога се ќе биде официјално. Она што е познато е дека пријателскиот натпревар ќе се игра на „Филип Втори“ Арената во Скопје.

Translate »