Mажите не знаат да слушаат

loading...

Тукушто сте ја сретнале таа толку посебна личност – срцето ви бие забрзано, рацете ви се потат, во стомакот како да ви летаат пеперутки, целото тело ви е како отрпнато и ве облеваат жешки бранови. Излегувате на вечера со него и се чувствувате како да сте на седмото небо. При разделбата се бакнувате и тоа како да ве стопува. Неколку дена потоа не јадете, но никогаш не сте се чувствувале подобро, а освен тоа забележувате дека и настинката ви поминала.

Разни научни истражувања докажуваат дека феноменот на вљубувањето е резултат на цела серија хемиски реакции што се одвиваат во мозокот и предизвикуваат соодветни умствени и физички реакции. Според приближните определувања, во мозокот има околу 100 милијарди неврони што ја формираат неговата известувачка мрежа. Кендис Перт од Американскиот национален здравствен институт прва спровела истражување и ги открила невропептидите, низи од аминокиселини што пловат низ телото и се задржуваат каде што наоѓаат соодветни рецептори. Досега се откриени 60 различни невропептиди и е докажано дека тие ги иницираат емоционалните реакции во телото кога ќе се закачат за соодветните рецептори. Или, со други зборови, сите наши чувства – љубовта, тагата, среќата – се резултат на биохемиски реакции. Кога англискиот научник Френсис Крик и неговите соработници ја добија Нобеловата награда за медицина за својот труд за дешифрирањето на кодот на ДНК кој ги определува гените, тој навистина го потресе медицинскиот свет изјавувајќи:
„Сите вие, вашите радости, таги, спомени, амбиции, самодовербата, слободната волја и љубовта не се ништо друго освен израз на однесувањето на големи групи нервни клетки“.

Основниот хемиски елемент, чие ослободување во организмот води до зголемување на физичките чувства на вљубеност, е ФЕА (фенилетиламин) кој спаѓа во групата на амфетамините и го има во чоколадата. Тоа е еден од хемиските елементи што го тераат вашето срце да бие забрзано, вашите зеници да се рашируваат, дланките да ви се потат и да се чувствувате како да ви летаат пеперутки во стомакот. Паралелно со ФЕА, во организмот се ослободува и адреналин, кој исто така го забрзува пулсот, ве тера да бидете на штрек и ви помага да се чувствувате прекрасно.
Освен тоа, се ослободуваат и ендрофини кои го засилуваат имунолошкиот систем и ја лекуваат настинката. Кога двајца се бакнуваат, нивниот мозок прави брза хемиска анализа на плунката, од која изведува заклучоци за вашата генетска соодветност. А женскиот мозок ја истражува и состојбата на имунолошкиот систем на мажот.

Целата таа позитивна хемиска реакција објаснува зошто здравствената состојба на вљубените е подобра и зошто кај нив веројатноста да се разболат е помала отколку кај другите луѓе. Да се биде вљубен е здраво.

(Извадок од книгата „Зошто мажите не слушаат, а жените не знаат да читаат мапи“.)

Translate »