Барак Обама – Интернетот им дозволи на луѓето да се повлечат во своите скривници

Поранешниот Претседател на САД, познат како страстен читател, зборува за незаменливата улога што книгите ја одиграле во целиот негов живот  – почнувајќи од неговото понекогаш осамено детство, кога „зборовите, кои беа преносливи“, му правеле друштво, преку неговата младост, кога му помогнале да сфати кој е тој, за што, всушност, размислува и што е навистина суштествено.

Во текот на осумте години во Белата куќа – во тој бучен период на пренатрупаност со информации – книгите претставувале постојан извор на идеи и поттици, и му овозможиле да стекнува свежи увиди во комплексните и спротивставени човечки состојби.

„Во време кога настаните се движат толку бргу и кога се пренесуваат толку многу информации“, вели тој, читањето му ја дарило способноста повремено „да забави и да изнајде нова перспектива“, како и „способноста да се замисли себеси во туѓа кожа“. „Овие две нешта“, додава г. Обама, „за мене беа непроценливо вредни. Дали ме направија подобар претседател – навистина не знам. Но она што слободно можам да го кажам е дека ми овозможија на некој начин да одржувам рамнотежа во текот на сите осум години, бидејќи ова е место кое секојдневно создава голем притисок.“

До ден денешен, читањето останува суштински дел од неговата дневна рутина. Тој неодамна на ќерка си Малиа и подари  книги кои би сакал да ги сподели со неа. Тоа читање беше длабоко и посветено, и се протегаше од современата книжевна белетристика, преку класични романи, па сѐ до пионерски трудови наменети за стручната и научна јавност.

Во подвоеното секојдневие на денешнината, каде што Интернет им дозволи на луѓето се повеќе да се повлекуваат во своите сопствени скривници (и да говорат само со истомисленици, кои ги засилуваат нивните уверенија и предрасуди), Барак Обама смета дека романите, како и другите облици на уметност, обезбедуваат еден вид мост кој може да ги поврзе вообичаените поделби, кој може да послужи како „потсетник за вистините скриени под површината на она со што се среќаваме и за што се расправаме секој божји ден.“

Барак Обама денес работи на своите мемоари, втемелени врз дневниците водени за време на неговиот престој во Белата куќа.

„Во оваа ера“, вели тој, „кога нашите политички стратегии се во толкава мера посветени на управувањето со судирот на културите што ни го донесоа глобализацијата, технологијата и миграциите, способноста на пишаниот збор да обедини – како противтежа на постојаните делби што ни се наметнуваат, да вклучи наместо да маргинализира – е поважна од кога било“.

Translate »