Која е екстремно националистичката АФД, која освои трето место на изборите во Германија

loading...

Алтернатива за Германија е најголемото изненадување на парламентарните избори во Германија, водечката земја во ЕУ. Позиционирањето на десноекстремистичката партија како трета партија по сила во Бундестагот означува почеток на нова ера во германската политика, најавуваат германските аналитичари.

Кои се луѓето од Алтернатива? Кој гласа за нив?

Алтернатива за Германија е формирана како партија противник на еврото, но кога им се закани исчезнување од политичката сцена, се појави бранот на бегалци кој буквално ги „оживеа“.

-Се појавија како критички глас на професорите и економистите, а потоа се радикализираа. Во својата програма, на иницијатива на Фрауке Петри, вметнаа исламофобични елементи, вели Хајо Функе, политиколог.

Токму копретседателката на Алтернатива Фрауке Петри, првиот ден по изборите неочекувано објави дека нема да биде дел од групата на АфД во Бундестагот.

Петри е во судир со дел од партијата чии изјави ги сметаат за претерани и екстремни.

-АфД од 2013 до 2015 година имаше јасна аспирација да достигне способност да владее со државата. Тоа е моја амбиција и сега, но со ваква архаична партија и со оваа реторика тоа не е реално, изјави Петри.

Екстремно десните ставови на дел од членството, но и раководството често се граничат со неонацизам, иако партијата се оградува од оваа идеологија.

-Ако Французите со право се горди на своите кралеви и Британците на Нелсон и Черчил, тогаш и ние имаме право да бидеме горди на германските војници во двете светски војни, вели Александер Гауланд, еден од првите луѓе на партијата.

Од историски причини поврзани со двете светски војни германскиот национализам се смета за најголема опасност за мирот и слободата во Европа. Но Алтернатива не сака да биде конструктивна опозиција и копретседателот Гауланд изјави дека немаат намера да се занимаваат со предлагање конструктивни решенија за постоечките проблеми.

-Тоа е нож со две оштрици. Велат: Гледате како се однесуваме пристојно, модерни сме, љубезни, формални, а од друга страна Гауланд изјавува дека местото на турското малцинство му е во Турција, а не овде, вели аналитичарот Функе.

Алтернатива за Германија најголема поддршка има во бившата Источна Германија, меѓу најголемите губитници од обединувањето. Некои се само конзервативци, а некои десничари, но само мал дел се екстремисти.

Дојче веле во анализата истакнува дека гласачите на АфД не се заблудени души кои сега треба да бидат вратени на вистинскиот политички пат; нивните гласови се сведоштво за промашената политика, онаа која не ги зеде предвид многуте проблеми и грижи на граѓаните.

Nova .tv

Translate »