СЈО бара да се конфискува имотот на Никола Груевски, Мартин Протуѓер и Илија Димовски

loading...

Никола Груевски, Мартин Протуѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2, 2 милиони евра, доколку кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“.Ова е наведено во предлог-мерките што ги бара тимот на специјалното јавно обвинителство од кривичниот суд во обвинителниот акт. Обвинителите од тимот на Катица Јанева напишале дека за финансирање на изборната кампања во 2011 година, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот шеф на Кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер, треба да вратат во буџетот 567 илјади евра. За изборната кампања во 2012 година, СЈО од Никола Груевски, Илија Димовски и Леко Ристовски побарува 673 илјади евра. Еден милион евра е сумата која обвинетите доколку бидат осудени треба да ја платат за изборната кампања во 2014 година. Вкупно, СЈО од нив четворица побарува сума од над 2,2 милиони евра.

 

Во обвинителниот акт за предметот „Титаник“, во кој се опфатени 21 обвинет, пишува дека Никола Груевски и Мартин Протуѓер од мај до јуни 2011 година, како организатори на изборната кампања, користеле недозволени средства за изборна кампања, кои потекнуваат од неидентификувани извори. Спротивно на изборниот законик не го пријавиле изворот на финансирање со што го злоупотребиле законското овластување како организатори на изборната кампања. На идентичен начин, во 2013 година, Илија Димовски и Леко Ристовски, поттикнати од Никола Груевски како соизвршители во кривичното дело, користеле недозволени средства за изборната кампања. Според обвинението, поранешниот генерален секретар на Владата водел евиденција и парите ги чувал како готовина. Истиот принцип за уплата бил користен и за изборите во 2014 година. Во прилог на обвинението, СЈО достави и записници од сослушување сведоци и обвинети и докази.

Никола Груевски сторил кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба од средствата на изборната кампања, и повреда на избирачкото право. На Мартин Протоѓер му се става на товар и кривичното дело повреда на слободата на определување на гласачите, а Миле Јанакиески, покрај другите кривични дела, ќе одговара и за уништување изборен материјал. Пратеникот Илија Димовски, како и Никола Груевски се товарат за злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба од средствата на изборната кампања. СЈО за Груевски, Протоѓер, како и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска побара мерка притвор, но Апелациониот суд одлучи само да им ги одземе пасошите и донесе решение со кое тие еднаш неделно треба да се јавуваат во судот кај шалтерски службеник.

Makfaks

Translate »