Рочиштето од судскиот процес за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, во кој првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, повторно се одложи бидејќи во судницата не беа присутни обвинетите Димче Крстев и Милан Андоновски.

Како сведоци присуствуваа актуелниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, и кандидатот за градоначалник Саша Богдановиќ, а присутни беа и обвинетите Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, побара од судијката Татјана Михајлова да нареди Крстев на следното рочиште да биде присилно доведен бидејќи не го оправдал денешното отсуство, додека адвокатот на Андоновски, Димитар Дангов, до судот доставил медицинска белешка дека обвинетиот е со нарушено здравје.

Михајлова само го внесе во записник предлогот на Фетаи без да се произнесе по барањето.

Инаку и на денешното рочиште беше видлив анимозитетот помеѓу Фетаи и Михајлова. Судијката рече дека на Фетаи ќе ѝ достави три писмени дописи во врска со барањето на обвинителката од минатото рочиште да објасни зошто списите од предметот биле во Апелација за да може, како што рече Михајлова, Фетаи да се запознае со постапувањето на судот во случај на поднесување жалба.

– Ова е обид да се оправдате за тоа што го реков минатиот пат дека намерно ги одолговлекувате рочиштата – праша Фетаи, додавајќи дека секој си е одговорен за своите постапки.

Искрења меѓу обвинителите на СЈО, Фетаи и Гаврил Бубевски, и судијката имаше и при одредување на датумот за следното рочиште.

Михајлова се правдаше дека судницата број 1 е единствената поголема во судот, на што Фетаи одговори дека тоа нив како „странки“ не ги интересира и не треба да ги интересира и дека должност на судот е да обезбеди услови за судењето.

– Ако продолжиме на овој начин, случајот нема да го завршиме до 2020 година, а предметот ќе застари – рече Фетаи.

Забелешките на обвинителката на СЈО, адвокатот Димитар Дангов ги оцени како притисок врз судот.
Михајлова не одреди коректен датум за следното рочиште и остави една недела почнувајќи од 20 ноември, датумот да биде одреден во договор со обвинителството и со адвокатите на обвинителите, сведоците и на оштетените.

– Ако даде Господ, рочиштето ќе се одржи – рече Михајлова.

По завршување на рочиштето, Фетаи за медиумите ја цитираше оваа изјава на Михајлова, додавајќи дека „Господ нема да даде да се одржи рочиштето ако судот не го почитува законот“.

Инаку и денешното рочиште, како што рече Михајлова, се водеше без да биде снимено бидејќи единствената камера повторно беше зафатена за судењето за настаните во кумановско Диво Насеље.