Продуцентот сексуално ги вознемирувал и Гвинет Палтроу и Анџелина Џоли

Откако холивудскиот продуцент Харви Вајнстин доби отказ од компанијата која самиот ја основал, голем број актерки почнаа да се пријавуваат како негови жртви на сексуално вознемирување.

Анџелина Џоли и Гвинет Палтроу тврдат дека продуцентот ги вознемирувал на почетокот на нивните кариери.

– Имав лошо искуство со Харви кога бев помлада. Оттогаш решив никогаш повеќе да не соработувам со него, и наместо тоа да ги предупредувам другите за неговото однесување – напиша Џоли во мејлот до New York Times.

Гвинет Палтроу го осуди однесувањето на Вајнстин како неприфатливо и срамно.

– Кога ја добив главната улога во филмот „Emma“, Вајнстин ме повика во неговата хотелска соба и ми предложи да ме масира, притоа ставајќи ги рацете на моите нозе. Бев преплашено дете тогаш, па побарав од моето тогашно момче, Бред Пит, да ја расчисти ситуацијата. Мислев дека веднаш ќе бидам отпуштена – изјави Палтроу.

По скандалот, сопругата на Вајнстин објави дека го напушта, барајќи развод. Тие беа во брак 10 години и имаат и две деца.

Досега 13 жени го обвинија продуцентот за сексуално малтретирање, а три од нив и за силување. Мира Сорвино и Розана Аркет се едни од оние кои откако ја одбиле непристојната понуда за секс, имале проблеми во кариерата и не можеле да добијат улога.

Translate »