Владимир Четкар – Музиката е храна за душата

Што би променил Четкар да може? Што најмногу ти пречи во светот и овде кај нас ?
-Прво што би променил е да нема такви разлики во богатството кај луѓето. Помалку алчност, тоа е најголемата пропаст за човекот, ненаситноста! Би сакал луѓето повеќе да сочувствуваат со  оние кои имаат потежок живот. Да не бидеме себични, свртени само кон  себе и своите проблеми. Алчноста создава класни разлики, се се сведува само на профит, профит и профит!

Велиш алчност? Ја има ли секаде подеднакво, и во Америка и во Македонија?
-Болката секаде е иста. И во Македонија и во Америка. Повеќе луѓе умреле од алчност отколку од сите болести заедно. Ја има и во музичката индустрија.  И во шоу бизнисот е така. Сум снимал во големи студија во Њујорк и Лос Анџелес и секаде се гледа како да се помине поефтино на сметка на квалитетот и креативноста.

Што уште би променил?
-Би го вратил човекот кон  природата. Многу се оддалечивме од неа, затоа сакам многу да возам велосипед.  Би вовел стриктна контрола на употреба на автомобили, да се намали загадувањето, повеќе да се  пешачи, а пешаците и велосипедистите би ги заштитил во сообраќајот. Да ти е милина да го гледаш Скопје такво!

Те нервира ли како функционира музичката сцена на Балканот?
– Ме нервираат тие вештачки стереотипи дека  мораш да работиш нешто што е поврзано со тоа каде живееш  и од каде потекнуваш. На пример, само етно музика ако си од Балканот или ако си  во Турција , само турска.

Можеби светот ги бара тие стеротипи од нас?
-Не, не е така. Овде  има доста стереотипи. Тоа би го променил во Македонија. Мораме да форсираме две платформи. Една е традицијата – да се запази она што е специфично за нас: македонската кујна, музика…, но и светската платформа за да направиме производ кој е универзален – пиво кое нема да се пие само во Скопје туку и во Амстердам, во целиот свет. Да се стремиме кон создвање светски производи. Да правиме рок енд рол, а не само етно. Тоа нема да не направи помали Македонци, туку поголеми. На  пример Исланд. Што има врска Бјорг со исландската музика? Никаква, ама цел свет ја знае. Малечко девојче кое работи низ цел свет. Во Шведска е таков пример АББА. Да размислуваме да направиме џез , диско, фанк , чиста уметничка форма,  бидејки тоа е интернационално. Тоа не е американска туку светска музика,  бидејки целиот свет има придонесено  за неа . Французите го дале Серон, Италијанците  Андреа Бочели. Целата поп култура денес е измешана, еден голем микс, со влијанија од сите страни и ние како таква ја конзумираме.

Translate »