Катарина Дода -Тајната на филигранството е во емоцијата

loading...

Катарина Дода со филигранство се занимава седум години. Работи и твори во своето студио.  Филигранството е наш традиционален занает и  јас решив да  продолжам да ја негувам таа традиција. Воедно и да помогнам да се сочува еден занает кој е национално богатство, а, за жал, е во изумирање- вели Дода. Таа често се претставува  на специјализирани настани за заштита на старите занаети ширум светот.

За Radar.mk раскажува за својата голема љубов -филигранот.

 

Што ве поттикна да се занимавате со филигранство?

-Поттик ми беше љубовта кон накитот. Отсекогаш ме фасинирал префинетиот изглед на филигранот. Се воодушевував на нежно испреплетените жици, особено на традиционалните форми. Би ја издвоила филигрантската пеперутка, таа е толку нежна и префинета, со својот  чипкаст изглед просто маѓепсува, како во  секој момент да ќе полета.А кога еднаш ќе ја земете сребрната жица во раце, невозможно е да се одделите од неа, како времето да престанува да тече.  Ништо повеќе не ви е важно, постои само желба да се создаде уметничко дело.Од едно парче сребро се ткае накит кој има душа и има своја приказна .Токму затоа се определив  филигранот да биде моја професија.

Катарина Дода на изложба на стари занаети во Санта Фе, САД

Од каде идеите за вашите креации и што се изработувате од сребро?

Секое парче се изработува рачно. Во секое дело преточувам  позитивни емоции, мисли и чувства кои ги вградувам во креацијата. Инспирацијата е секаде околу мене. Музиката, книгите, патувањата, запознавањето нови луѓе, нови култури, сето тоа е неисцрпно богатсво на инспирација. Но, најмногу ги сакам традиционалните мотиви. Би ги издвоила “Мавровските топчиња”кои ми се омилени за изработка.

Филигранството го опишуваат како макотрпен занает, само за оние кои се трудољубиви, смирени, и трпеливи. Каква е Катарина Дода?

-Да, филигранството е една од најстарите техники за изработка на накит и воедно е и најтешка. Макотрпно е да се изработи еден филигрански производ, без оглед дали станува збор за прстен, обетки, привезок… Сите карактеристики кои ги наведовте се точни, но јас би додала дека е најважна љубовта кон овој занает. Таа ве води од почеток до крај и ви дава се што е потребно во моментот, а најмногу трпение и смиреност.

Колку време  е потребно да се изработи едно парче накит?

-Некогаш се потребни 2-3 дена , а некогаш и неколку недели. Но, времето не е толку важно, најважна е емоцијата со која работите. А кога сте обземени со позитивна енергија, просто уживате во креирање на секое ново парче филигрански накит.

 


 





Translate »