Уметникот е трагач по убавината!

Разговор со академскиот сликар Горан Боев

Еден од најдобрите сликари во Македонија, магистер на Факултетот за Ликовна Уметност „Почесен граѓанин” на град Кавадарци за своето уметничко творештво…Сликар кој изминативе три години ги црташе фреските во новиот параклис во комплексот на манастирот Свети Јован Бигорски,…..Оние што го познаваат вашиот ликовен опус, со нетрпение чекаат да видат што ново излегува од уметничката “кујна” на Горан Боев. Oставивте силен белег со своите авангардни метафорични масла на платно, се пробавте во различни дисциплини – детската илустрација, стрипот, апстракцијата и класичниот сликарски пристап.

Колку е природно да се пробуваат различни техники, или од каде доаѓа желбата за промена?
-Да се пробуваат разни техники и стилови е природно и препорачливо, особено во младоста. Мислам дека е погрешно уште рано да се утврди некаков стил или техника на работа со која уметникот формално би бил препознатлив и со тоа да се задоволи „ликовната“ суета која ние уметниците, за жал, си ја имаме.
На крајот на краиштата, уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност дури и кога на него не стои потпис. Важно е она што преку него нас ни се презентира.

Изминативе години фокусот на вашиот уметнички порив е цртањето фрески и икони,од каде се наметна овој правец?

-После студиите на Факултетот за Ликовна Уметност (Скопје) изработив неколку икони без посебна подготовка (наспроти фактот што на факултетот немавме оддел за иконопис и византиска уметност), но сериозно почнав да се занимавам со таа дејност дури откако го посетив Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Со благослов од игуменот на манастирот о. Партениј кој е и мој духовник, почнав да работам на отсликување на параклисот Св. Никола во склоп на манастирот. Овој вид на уметност се разликува од останатите затоа што е во служба на Православната црква и е подложен на канони (правила) со кои се одредува прикажувањето на светителите и клучните настани од историјата на Христијанството. Самото сликарство во однос на техниката можеме да го поделиме на сликање на ѕид (фреско, секо) и сликање на дрво (икона). Во принцип се работи за прецизно сликарство кое се одликува со јасност во формите и хармонија во боите, но додека кај иконата се наметнува суптилната моделација и нежните тонови, кај ѕидното сликарство се јавува поголема енергичност и сугестивност.

Колку средината на живеење влијае на еден уметник? Колку Горан Боев успева да се оттргне од секојдневието и слободно да заплови во уметничкиот транс?

– Средината секако има силно влијание врз творештвото на уметникот, на темите кои ги бира и на неговиот ликовен стил. Уметникот во поновата историја често се јавува како критичар на средината и времето во кое живее. Но тој не треба да заборави дека поседува специфичен Божји дар и дека тој дар треба да го искористи за да создаде нешто убаво дури и кога неговото секојдневие не му ја дава таа подршка. Уметникот е всушност трагач по убавината. Нашиот голем сликар Петар Мазев, познат по својот експресионистички стил, во една прилика ќе каже (слободна интерпретација): „Мојата уметност ја сметаат за грда, но такво е и времето во кое живееме. Сепак јас и во грдото се обидувам да го најдам убавото“. Значи секој уметник на свој начин се справува со средината и времето во кое живее.

Дали се чувствувате како пионер, вдахнодовеник на нешто ново?

– Воопшто не се чувствувам така ниту се стремам кон такво нешто. Всушност и самиот материјал кој го користам за работа (платно, четки, бои) е класичен и сведочи дека немам такви амбиции. Денешната уметност набљудувана во светски рамки а рефлектирана и кај нас, отиде толку многу „напред“ што самиот чин на сликање врз платно веќе се смета за застарен и декадентен. Впрочем за тоа сведочат и најновите светски изложби како и моменталните ѕвезди на ликовната сцена. Но, како што компјутерот не успеа да ја оттргне книгата од употреба така и овие нови форми на ликовен јазик нема да успеат да го тргнат на страна платното, дрвената штица и ѕидот на кои уметникот непосредно ги реализира своите теми и идеи.

Што работите последно? Дали можете делата да ги класифицирате во некоја категорија. И дали можеме да очекуваме и нова изложба и кога?

Како што веќе кажав, се занимавам со иконографија и најголем дел од времето ми е посветено на тоа, но сепак успевам да најдам и малку време за слободно сликарство. Последниот циклус на слики ми беше со апстрактен карактер. Се разбира, се јавуваше и фигурата како тема (глава на коњ, ранет бик) но се трудев да ја доведам до ниво на што помала препознатливост со цел да постои во самата композиција но да не егзистира самата за себе туку да ја подржава хармонијата на целото платно, и како таква да бара посебен напор за нејзино воочување од страна на гледачот при тоа создавајќи своевиден амбиент.

Ова е мој прв обид за апстрактен сликарски израз и свесен сум дека е сеуште на ниво на експеримент, бидејќи, оние луѓе што ме познаваат, знаат дека до сега се занимавав со фигуративно сликарство. Но баш и ќе се потрудам што подолго да се задржам на ова експериментално ниво, истражувајќи и менувајќи го ракописот и боите бидејќи така е покреативно и повозбудливо наспроти тоа да вештачки влезам во своевиден шаблон и истиот го прогласам за свој сопствен стил. До стилот и препознатливоста не се доаѓа на сила.
Што се однесува до изложување на моите дела, не би брзал многу бидејќи веќе имав изложба во ноември, минатата година, во Домот на културата во Кавадарци.

My beautiful picture

Што би им порачале на младите уметници кои само што ја започнуваат својата уметничка кариера?
-Јас не сум човек во години, ниту со којзнае какво искуство искуство позади себе, но ете, неколкуте работни години во образование и неколкуте години поминати во Бигорски манастир се надевам дека ќе ми дозволат да им препорачам нешто корисно на помладите генерации. На моите помлади колеги им препорачувам да бидат благодарни за дарбата што ја добиле од Бог и со мрзеливост и неволност да не го закопуваат својот талант. Да го сакаат тоа што го работат и да се трудат да создаваат убавина затоа што убавината се создава со труд а трудот станува лесен и преминува во задоволство кога нештото се сака. Да не бараат брз и вртоглав успех туку да одат напред чекор по чекор и да остават нешто вредно позади себе кое ќе го облагодати општеството во кое живеат и ќе ја трасира патеката на генерациите што следат.

 

 

Translate »