Kako Борис Пастернак ја добил, па ја изгубил Нобеловата награда?

Пред 59 години, рускиот писател Борис Пастернак кој е најпознат по делото „Доктор Живаго“, ја добил Нобеловата награда за литература. Патот до издавањето  на „Доктор Живаго“ бил исполнет со многу пресврти и опасности, имајќи ја предвид политичката ситуација во советска Русија и властите против кои тој пружал отпор се погрижиле тој никогаш да не (доживее да) ја добие Нобеловата награда.

Пастернак се родил во Русија пред Октомвриската револуција. Неговото семејство било семејство на уметници и музичари и за разлика од многумина од неговите роднини, тој не избегал од државата кога комунистите ја преземале контролата на државата. Тој останал и пишувал поезија и книги и преведувал значајни дела на руски јазик за да може да заработи за живот.

pasternak_boris

Неговата уметничка, „буржоаска“ позадина и уверувања многу бргу го ставиле Пастернак на листата на сомнителни луѓе. Во 1934 година, Сталин лично му се јавил на Пастернак за да го искара што се обидувал да ослободи негов пријател и колега, а Олга Ивинскаја, пријателка и љубовница на Пастернак, била испратена во гулаг во времетраење од три години и тоа чисто како одмазда и казна за Пастернак.

Во текот на неколку децении, Пастернак работел на својот „магнум опус“, односно на приказната за човекот Јури Живаго и двете жени кои ги љубел за време на Октомвриската револуција. Тој се обидел да го издаде делото во 1955 година, но властите не дозволиле книгата да биде издадена поради тоа што имала анти-советски пораки, a министерот за надворешни работи изјавил дека се работело за дело кое „злонамерно ја клевети СССР“.

Сепак, примерок од ракописот некако завршил во рацете на некој човек што работел за италијанска издавачка куќа. Соработката со западни издавачки куќи била забранета, но Ивинскаја го убедила Пастернак да си даде шанса и тој се согласил книгата да биде преведена и објавена во 1957 година.

1101581215_400

Советските власти биле исклучително лути поради книгата и воделе црна кампања против неа, но тоа допринело само да се зголеми нејзината популарност и наскоро „Доктор Живаго“ била преведена на повеќе јазици ширум светот. Властите во САД, смртниот непријател на СССР, виделе можност и решиле да ја искористат книгата и фактот дека советските власти правеле сѐ што било во нивна можност за да ја уништат и за нив тоа било моќно културолошко оружје против СССР.

Декласифицирани документи покажуваат како ЦИА купувала и дистрибуирала стотици примероци од книгата до своите амбасади ширум светот за да ја промовираат книгата на разни важни личности во разни држави. Тие дури и платиле за да се направи брз, несмасен превод на книгата на руски јазик и истиот дискретно бил подаруван на Русите кои го посетувале Светскиот саем во 1958 година.

Пастернак во повеќе наврати бил номиниран за Нобеловата награда и судејќи според сите историски извори, токму „Доктор Живаго“ го поттурнала Пастернак на врвот на листата во 1958 година (некои истражувачи велат дека ЦИА влијаела врз комитетот кој одлучува за наградата, но во декласифицираните документи нема никакви показатели и докази за тоа).

Одлуката да му се додели Нобеловата награда на Пастернак била објавена на 23 октомври 1958 година. Комитетот изјавил дека му ја доделуваат Нобеловата награда за литература на Пастернак „поради неговото важно достигнување и во модерната поезија и во полето на големата руска епска традиција“.

doctor-zhivago

Евгениј Пастернак, неговиот син, во своите мемоари ја доловил рекацијата на својот татко и рекол дека во телеграмата која тој ја пратил на луѓето од комитетот пишувало дека тој е „благодарен, среќен, горд, збунет“. Но, реакциите биле брзи и советските власти почнале да ги принудуваат неговите колеги да се откажат од него и советските весници почнале да водат негативна кампања велејќи дека тој е „книжевен плевел“.

На Пастернак му било кажано дека ако отиде во Осло да ја прими наградата, тој никогаш нема да може да се врати назад, па затоа пратил уште една телеграма во која вели дека ја одбива наградата.

Евгениј Пастернак вели: „Не можев да го препознаам татко ми кога го видов таа вечер. Блед, со безживотно лице, уморни очи полни со болка и постојано ја повторуваше истата работа: Сега ништо повеќе не е важно. Ја одбив наградата.“

Пастернак починал по 2 години и никогаш не доживеал да ја добие Нобеловата награда за литература. Во 1988 година, „Доктор Живаго“ конечно била објавена во СССР и наредната година Евгениј Пастернак добил дозвола да оди во Осло и да ја земе наградата која неправедно му била одземена на Борис Пастернак.

Кога му била врачена наградата, Евгениј рекол: „Ова е достоинствен крај на една трагедија и јас сум многу среќен.“

Извор.

Translate »