Една петтина од текстилните компании од Источна Македонија не исплатиле минимална плата

Една петтина од текстилните компании од Источна Македонија не исплатиле минимална плата. Тоа го покажало истражувањето на Здружението „Гласно“ од Штип. Во нивното истражување биле опфатени 25 конфекции од регионот на Источна Македонија. Проблем велат од Здружението имало затоа што дел од вработените не ги исполниле зададените норми, па затоа ќе бараат допрецизирање на овие одредби.

„Нормираниот учинок мора да биде појасно прецизиран, тоа значи дека при усогласувањето на индустриите и индустриските гранки мора да се има предвид начинот на остварувањето на нормата и која е таа нормалност при остварувањето за да можат самите работници да си ја остварат својата минимална плата“, вели Горан Трајков од здружение „Гласно“.

Истражувањето на „Гласно“ покажало дека дел од состојбите се подобруваат. Утврдиле дека за 60 отсто се зголемиле компаниите што не работат на државни празници. Но се уште е мал бројот на фирмите што на своите работници им дале годишен одмор над 10 денови.

Од Здружението на текстилна индустрија и конфекција при Стопанската комора на Македонија велат дека нема проблем со утврдување на нормата, но затоа бараат во наредните неколку години во текстилната и кожарската индустрија за платите од 12.000 до 18.000 денари да се плаќаат исти придонеси како за минималната плата. Ангел Димитров, од ова Здружение вели дека таа мерка не само што ќе им олесни на компаниите туку од неа бенефит ќе имаат и работниците.

„Официјално го испративме нашиот предлог и наредната недела очекуваме средба со владини претставници. Со вакво решение би добиле можност за зголемување на платите и на подобрите работници, а  придонесот ќе се замрзне на 5.130 денари колку што изнесуваат придонесите на минималната бруто плата“, рече Димитров.

Освен за минималната плата од Здружението на текстилци при Стопанската комора претходно најавија дека ќе бараат да се доработи и софтверското решение на УЈП за субвенционирање на минималната  плата а ќе се бараат и дополнителни мерки за конфекциите што функционираат во руралните средини.

Translate »