Одложена средбата на преговарачите за спорот со името

Средбата на претставниците на Грција и на Македонија со медиаторот Метју Нимиц што требаше да се одржи на 20 или 21 ноември е одложена и презакажана за декември, потврдија за МИА дипломатски извори вклучени во процесот на разговори.

Причините за одложувањето на средбата засега не се посочуваат. На средбата, што беше закажа подолга пауза, според грчките медиуми, Нимиц требало да излезе со конкретен предлог за решавање на спорот.

Медиумите во Грција наведуваат дека „Атина очекува по победата на премиерот Зоран Заев на локалните избори и стабилизацијата на неговата Влада, од Македонија да продолжи со активностите на „добра волја“ со кои ќе покаже дека го напушта иредентизмот, како што се промената на името на Аеродромот во Скопје и отстранување на спомениците поставени во времето на Никола Груевски“. „Катимерини“, пак, најави дека вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи наредната недела ќе ја посети Атина каде што ќе разговара со високи претставници на грчките власти.

Повикувајќи се на аналитичари, весникот информира дека се очекува средбите меѓу претставници на двете земји да се интензивираат на почетокот од следната година. Весникот не прецизира дали посетата на Османи е во рамките на напорите за решавање на прашањето за името, или во врска со другите аспекти од билатералните односи меѓу Македонија и Грција./МИА