Отворен нов случај против Груевски

loading...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска беше повикан во Специјалното јавно обвинителство за финансиска истрага за земање провизија, што ја отворило СЈО за случај поврзан со електрична енергија, соопшти специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во изјава за медиумите пред седиштето на СЈО.

Таа, одговарајќи на новинарски парашања, рече дека станува збор за нов случај, кој не е поврзан со други претходни истраги, и дека е отворен врз основа на два прислушувани разговори кои не се објавени во јавноста.

Јанева рече дека случајот е во предистражна постапка и дека се испитуваат повеќе лица во својство на сведоци.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по излегувањето од СЈО, каде се задржа околу два и пол часа, рече дека сето ова е од политички причини, за да се отргне вниманието од основните проблеми со кои се соочуваат државата и граѓаните.

– Денеска бев повикан како сведок во една нивна предистражна постапка. Им реков дека ова што го работат е незаконски, дека мандатот им е истечен и дека ова е малтертирање на граѓаните во услови кога не можат да поднесуваат обвиненија. Сепак, дојдов, им го кажав тоа што го кажав и одговорив на неколку прашања… Целта на ова е наместо да се зборува за промената на името, за незголемувањето на платата на лекарите, за двојазичноста, да се зборува за тоа дека сум бил повикан во СЈО – рече Груевски и додаде дека не може да зборува за предистражната постапка, но негираше дека станува збор за увоз на струја, посочувајќи дека се работи за „нешто друго“.

Околу употребата на прислушуваните разговори како докази во судските постапки на СЈО, Груевски рече дека членот 12 од Законот за кривична постапка е јасен и дека, според него, незаконски прибавени материјали не можат да бидат доказ во суд ниту од нив да се изведуваат други докази.

Претходно, одговарајќи на новинарско прашање, специјалната јавна обвинителка изјави дека случајот „Талир“, кој се однесува на донациите и на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште е во фаза на истражна постапка.

Во врска со првата правосилна пресуда за обвинет во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, за кој СЈО информираше денеска, Јанева изјави дека осудениот на условна казна не е еден од „најсериозно обвинетите“, како поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски, за кои, како што рече, очекува од судот да им одреди највисоки казни.

Meta.mk

Translate »