За сите кои се загрижени поради воздухот кој го дишеме

Ви го пренесуваме фб статусот на Кристина Коваленска која го кажува точно она што сите ние го мислиме, но таа имаше храброст да го каже. Радар повикува на  вистинска  граѓанска акција за почист воздух во главниот град и низ целата држава.

Ова е моето обраќање до „надлежните“ чии електронски адреси се наведени во апликацијата „Мој воздух“, со цел да го слушнат гласот на народот во врска со загадениот воздух во општините низ цела Македонија (барем во оние каде што има мерни станици). Реагирам до нив секогаш кога е воздухот екстремно загаден, од кога ја имам инсталирано апликацијата на мојот мобилен, но до сега никогаш, ниту еден од оние чии електронски адреси се наведени, не одговориле на ниту еден мој допис. Дописите се испраќани до: gradonacalnik@skopje.gov.mk, Cvetanka.Ikonomova@skopje.gov.mk,  Liljana.Oncevska@skopje.gov.mk.

Во целост го споделувам тука она што им го испратив денес, оти веќе, нормално, ми „пукна филмот“:

„Почитувани (или, поточно кажано, веќе непочитувани),
Вие, ниту ги читате нашите пораки, ниту се грижите за загадувањето во Македонија. Да беше поинаку, ќе преземевте нешто во врска со ова или, најмалку што можевте да сторите, ќе одговоревте на некој од многубројните електронски пораки кои Ви ги испраќаме од пред две, а можеби и повеќе, години.
Поради тоа, можам да претпоставам дека Вам Ви е најважно што сте се вработиле во некоја од државните институции, земате плата секој месец за седење во канцеларија, на топло, во која по цел ден муабетите за шопинзите во некоја од соседните земји, за српските реални шоуа, за турските серии, за снаите и за свекрвите. Мажите, секако, зборуваат за спортска, за автомобилот, мобилниот, жената/девојката… И воопшто, ама баш воопшто, мува не ве лази за загадениот воздух во Македонија.
Овој допис ќе го споделам на социјалните мрежи, поради две причини (најмалку):
Прво, барем некој ќе го прочита и
Второ, да знаат луѓето како надлежните (не)одговараат на дописите кои им ги испраќаме.
За жал, дописот не можам да го завршам ниту со “поздрав”, ниту “со почит”.