Томислав Георгиев-Фотографијата има фантастична моќ на испраќање порака

loading...

Томислав Георгиев е наградуван македонски фотограф кој покрива популарни и популистички теми и контексти. Тој е член на Balkan Photographers Collective, фотографира  за локалната канцеларија на УНИЦЕФ, за Фокус, соработува со светски познати медиуми како “Le Monde” и “The Sunday Times”.

  1. Како почна приказната со фотографирањето?

Со фотографија профеcионaлно се занимавам повеќе од 15 години, a предходно аматерски експериментирав со аналогни апарати. Бев посебно фасциниран од т.н. темна комора” и магијата на настанувањето на позитивот. Првите фотографии ги објавив во студентските денови во “Студенски Збор“ и повеќе сигурно, отколку пополека хобито ми прерасна во професија.

  1. Вашите фотографии се препознатливи по тоа што секогаш имаат композиција , одлично се смислени, и секогаш има приказна која испраќа некаква порака. Изгледа меѓу вашите дела нема случајна фотографија, освен за дневните настани или можеби грешам?

Поборник сум на тезата дека секаде и во било кој настан има добра ситуација и може да се направи добра фотографија. Фотографијата е уметност на опсервација, можност да пронајдеш естетика во најобична ситуација, и фантастична моќ на испраќање порака. Во овој контекст би го цитирал Анди Ворхол кој рекол: “Најдоброто нешто е тоа што фотографијата никогаш не се менува, дури ни тогаш кога луѓето што се фотографирани се менуваат“

  1. Не е лесно да се биде фотограф во едно турбулентно време, се случила ли некоја незгодна ситуација или можеби опасна по вашиот живот? Претпоставувам дека има многу, но може ли да издвоите некоја позначајна која ви се врежала во сеќавање?

Во 2013 година во Истанбул фотографирав протести кои започнаа како мирен протест против уривањето на “Гези Паркот” па резултираа во масовни насилни протести. Една од тие вечери протестантите и јас заедно со нив бевме опколени во една уличка на познатиот Таксим,Демонстрантите направија кордон со запалени контејњери и полицискиот кордон полека почнуваше да напредува. Демонстрантите фрлаа тешки предмети кон нив, додека полицијата возвраќаше со гумени куршуми и солзавец. Беше многу напната и хаотична ситуација и одлучив да фотографирам од влезот на еден хотел кој имаше ротациона врата, барем од горе да бидам заштитен. Тогаш се случи да не напаѓаат со солзавец, а демонстратите им ги фрлаа назад на полицијата, еден од нив  во моментот кога го фрлаше назад солзавецот, беше погоден од друг солзавец и наместо кон полицискиот кордон, го фрли право кон вратата на хотелот каде бев јас. Наеднаш се случи стампедо од демонстранти, кои наместо да се тргнат од таму тргнаа да влезат во хотелот туркајќи ме и мене со нив. Нормално вратата на хотелот беше заклучена иако внатре имаше луѓе кои не сакаа да отворат, и јас се најдов фактички во цилиндрична комора со солзавец. Тоа беше 2-3 минутна агонија на сите кои беа тука дезориентирани, многу мачно и болно искуство после кое немам никаков проблем со синуси.

 

  1. За добра фотографија дали е важно да се поседува добар апарат , или не е тоа пресудно?

За добра фотографија важно е да се има креативност, имагинација, рефлекс и малку среќа.

 

  1. Од политичарите која личност ви е најинтересна за фотографирање?

Во принцип обратно ми е размислувањето, интересна ситуација на било кој политичар.

 

  1. Која светски позната личност  сте ја фотографирале?

Имав прилика да поминам една недела со глумецот Орландо Блум (кој е амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ) во Украина.

 

  1. Може ли да издвоите фотографии кои вам ви се омилени, и може ли да кажете зошто ви се при срце?

Не би можел да зборувам за омилени, можеби најтрогателни тоа се фотографиите кои ги направив за време на бегалската криза од грчкиот остров Лезбос па се до Унгарија, фотографии за кои сум сигурен дека ме променија. Обично кога сте зад камера, заборавате дека сте таму, во таа ситуација, ама овој пат тоа не беше така.

Translate »