ЦГК :Можни манипулации во реализација на тендерите
Во првото полугодие од 2017 година, преку нетранспарентната постапка, со преговарање без објавување оглас, се склучени договори во вредност од 7,4 милиони евра, што е за 12 отсто повеќе од истиот период лани, се вели во извештајотод следењето на јавните набавки спореведени од институциите на централно ниво, за периодот јануари – јуни 2017 година, што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.
Меѓу клучните наоди во извештајот е нотиран податокот дека кај дури 35 отсто од надгледуваните тендери имало отфрлање на дел од понудите бидејќи биле оценети како неприфатливи. Ова, според спроведувачите на истражувањето, дополнително ја влошува конкуренцијата на тендерите.
Според надзорот, во дел од тендерите, за време на електронската аукција, се постигнуваат толку ниски цени што се доведува во прашање реалноста на проценетата вредност на тендерите, како и квалитетот на набавките.
„Најниската цена, како единствен критериум за избор води кон тендери со апсурдни цени од 0,01 денар и 0,01 процент. Оваа пазарна нелогичност го зголемува ризикот од можни манипулации во реализацијата на тендерот“, стои во извештајот.
Во првото полугодие од 2017 година, според извештајот, до Советот за јавни набавки биле доставени 7.583 барања од договорните органи, односно само 9 отсто помалку од истиот период претходната година. За дадените мислења, Советот им фактурирал на договорните органи вкупен износ од 806.172 евра.
Според извештајот на Центарот за граѓански комуникации, во пораст е поништувањето на тендерите, односно во првото полугодие од 2017 година поништени се 2.033 тендери (целосно или нивен дел), што е 23,7 отсто од вкупно објавените огласи во истиот период.
Мета.мк