Уапсен е Сакашвили, по обидот да си го одземе животот, качен на покривот од станбена зграда

loading...

Украинската полиција денеска во Киев го уапси поранешниот грузиски претседател и актуелен украински опозициски лидер, Михаил Сакашвили, под обвинение за „обид за соборување на власта“.

„Сакашвили е обвинет за обид за уривање на уставниот поредок“, изјави неговиот адвокат, Павло Богомазов.

Властите информираа дека пред апасењето Сакашвили се заканувал дека ќе се самоубие, откако полицијата се обидела да изврши претрес во неговиот стан. По упадот на полицијата во станот, Сакашвили се качил на покривот на осумкатната зграда во која живеел и извикувал пароли против украинскиот претседател, Петро Порошенко.

„Порошенко е крадец. Порошенко е измамник на украинскиот народ. Што и да ми се случи на мене, народе, ве повикувам да излезете на улиците и да продолжите со борбата. Не дозволувајте незаконие и кражби од страна на Порошенко и неговата банда“, извикувал Сакашвили.

Сакашвили направи спектакл од неговото апсење поради обид за уривање на власта во Украина

Десетици негови приврзаници се собраа на протест во близина на зградата. При обидот за негов транспорт до Обвинителството, приврзаниците на Сакашвили привремено го блокирале возилото по што тој повторно одржал говор против Порошенко.

По изборниот пораз во неговата родна Грузија, Сакашвили ја продолжи политичката кариера во Украина, како поддржувач на властите кои се формираа по Мајдан револуцијата и Порошенко го именуваше за гувернер на областа Одеса.

Откако беше сменет од оваа функција, Сакашвили формираше политичка партија „Движење на новите сили“, која викендов организираше протест против Порошенко. Се претпоставува дека обвинението против Сакашвили е поврзано со организирањето на протестот.

Translate »