Латас: Тоа што важи за Зоран Заев треба да важи и за мене

loading...

 

„Се случи тоа што не очекував. Имаме судијка без искуство. Добивме оценка на обвинителен акт, односно иземање на бомбите, истото што го побара Зоран Заев. За него е одобрено за мене одбиено. Судот е еден и ја верувам, а во судијката не. Очекувам брутално судење. Ние бараме тоа што му е дозволено на Зоран Заев да важи и за мене“, изјави новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас.

На новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас, кој е обвинет во случајот „Тотал“, му се заканува казна затвор од минимум четири години. На денешното рочиште не беа присутни претставници на правните лиица.

Судот за правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ И „Тотал медија центар“ ДООЕЛ Скопје побарал присуство на претставниците бидејќи управителот Драган Павловиќ – Латас е обвинет во постапката. Фирмите биле пријавени на домашната адреса на Латас. Кога поканите биле неуредно вратени, судот побарал од Латас да определи застапници од фирмите. На ова Латас преку писмено известување информирал дека поради мерката претпазливост е спречен да определи претставници, но и забранува судот да определи бидејќи сакал тоа да се лица во кои тој имал доверба.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова побара од одбраната денес да бидат назначени претставници бидејќи смета дека намерно се одолжува овој процес, во спротивно ќе се назначат адвокати по службена должност. Во однос на правното лице „Медија макс“ ДООЕЛ Скопје, повторно поканата за претставници по два обида се врaтила со забелешка дека таму немало означено оти постои такво правно лице.

По ова, управителот Петар Вељановски известил дека поканата ја добил на домашна адреса. Управителот рекол дека не е во можност да допатува од Охрид, каде што живее, до Скопје. Централен регистар го известил судот дека правните лица немаат извршено промена на адресата. Во однос на правното лице „Медија макс“, управителот Петар Вељаноски вчера го известил судот дека поради  работните обврски, замолува да се оправда неговата неможност да се јави на суд. Судот не наиде на разбирање и објасни дека ова е несериозен пристап.

Судот констатира дека од одбраната на Латас биле доставени неколку писмени поднесоци, и тоа барање за дополнување на листата на докази со изготвеното вештачење на одбраната и тоа е проследено до Обвинителството, потоа два поднесока од Државното правобранителство, кое барало оштетно побарување, доставен е и поднесок со кој се бара пред главната расправа судот да даде можност за жалба, но и да го одбие доказот на наодот и мислењето од вештачењето доставен од страна на Обвинителството.

Адвокатите на Латас барале и второ дополнување на доказите, поднесок имало и вчера со дополнување докази со алтернативно мислење и со него се бара судот да одбие дел од доказите бидејќи, според одбраната, биле набавени на незаконски начин.

Овој совет на судии не нашол причини за одбивање на доказите ниту, пак, постоење причини за издвојување докази стекнати на незаконски начин. Судот остави можност во доказната постапка по однос на приговор за одреден доказ да одлучи со образложено решение. Воедно, судот смета дека дел од приговорот, кој се однесува за застареност на кривичното дело, веќе е ценет од друг совет.

„Денес ќе известиме кој ќе ги застапува правните лица“, рече адвокатката Светлана Савиќ, а на ова судијката укажа дека ако не го направи тоа, адвокат ќе биде поставен по службена должност. „Во ЗКП има и други одредби што се однесуваат на работата на советот. Ние како нивна одбрана поднесовме опширен поднесок, се надеваме дека од љубопитност ќе закаже седница. Ние во поднесокот кажавме дека има докази набавени на незаконит начин и имаме нееднаквост во орудијата, затоа бараме да бидат изземени“, рече адвокатката Светлана Савиќ.

За денешното рочиште не беа исполнети законските процедури бидејќи немаше претставници на правните лица. Судот закажа рочиште за главна расправа на 7 декември.

Во случајот „Тотал“ е обвинет новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас заедно со три фирми: „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал медија центар“ и „Медијамакс“, во кои тој се јавува како сопственик или управител.

Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски – фирмите не плаќале данок, а обвинетиот и самиот одбегнал да плати данок. Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги осомничениот не го пријавил во годишната даночна пријава.

превземено од

Макфакс.мк

фото насловна: Фактор

Translate »