Ципрас-2018 може да биде пресвртна за регионот

Грчкиот премиер Алексис Ципрас очекува во 2018 година да се случи пресврт пошироко на Балканот, но и да има позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија доколку, како што вели, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.

– Сметам дека 2018 година може да биде година од пресудно значење за разни други прашања кои се однесуваат на оваа област. Би ја искористил приликата да ги споменам и проблемите со кои со години се занимаваме со Поранешната Југословенска Република Македонија. Како што рече и мојот пријател Борисов прашањето за Скопје можеби во 2018 година ќе донесе некои позитивни случувања доколку новата Влада во Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред и кон решавање на тој проблем. Ако тие се откажат од реториката и изјавите дека се тие единствените потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во тој случај, јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива, безбедност и сигурност на таа земја. Знаете, ние сакаме да направиме иднина во која сите мирно заедно ќе живееме и ќе соработуваме. Тоа што не дели е помало и го има помалку во однос на тоа што не соединува, рече Ципрас на заедничка прес-конференција во Белград со премиерите на Бугарија и Романија, Бојко Борисов и Михај Тудосе и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Тој додаде дека таа цел претпоставува сите земји да преземат некои чекори. Таа цел, како што рече, бара да направиме јасни резови, да заземеме јасни позиции по прашања кои се од клучно значење.

– Ние четворицата сме целосно убедени дека треба да одиме напред, да преземеме и направиме храбри чекори и уште повеќе да ја зајакнеме соработката како би ја направиле 2018 пресвртница за нашите земји, за Балканскиот регион и воопшто за Европа и главно за нашите луѓе, затоа што луѓето се тие кои ние сакаме да ги заштитиме, рече Ципрас на прес-конференцијата во Белград.

 

Translate »