Граѓаните излегоа на протест за чист воздух

Група граѓани на Скопје денеска напладне дојдоа пред Владата на Република Македонија да изразат протест поради високата загаденост на воздухот во главниот град, пренесува МИА.

Иако за протестот, најавен преку социјалната мрежа Фејсбук под мотото „Станете за чист воздух“ беа пријавени околу пет илјади граѓани, пред Владата се собраа многу помалку.

Граѓаните кои присуствуваа искажаа незадоволство од состојбата со загадениот воздух и свои предлози за тоа како би можело да се намали загадувањето, но исто така ги критикуваа своите сограѓани скопјани поради тоа што не им се придружија пред зградата на Владата.

Повеќето од нив се согласни дека што и да се преземе, нема да го реши проблемот за кратко време. – Треба да се почне со мерки кои ги одлагаме. Јас мислам дека ги одлагаме многу повеќе отколку што Македонија е независна и не е проблемот дека се ќе се реши за една година. Но мора да почне да се решава, вели Вера Милошевска, пејачка во групата Баклава.

Милошевска посочи дека мора да се мисли какво гориво се користи во градот, начините на кои работат погоните на фабриките. – Јас живеам до Циментара и лето и зиме се чувствува во воздухот што се испушта, што се согорува, што како гас доаѓа до нас граѓаните. Зошто и да не се потегне иницијатива и зошто да не се влезе и во таков проект да Топлификација покрива многу повеќе делови во градот наместо да користиме струја, дрва. Имате домаќинства кои ни за дрва немаат пари, посочува таа.

Изрази жалење за малата излезност на граѓаните. – Ова е голем град, а овде дали има илјада луѓе. Треба да има масовна излезеност, масовна поддршка затоа што за сите нас се работи, за моите деца, за вашите деца, за нашите идни генерации мора да почне да се работи, рече Милошевска.

Весна Никодиновска од Ново Лисиче потенцира дека не смееме да дозволиме да зависиме од временските услови така што Владата мора веднаш да преземе итни мерки против загадувањето. – Може да се почне со она што е под наша контрола. Точно е дека домаќинствата не можат да се решат на краток рок и дека тоа ќе биде процес што долго време ќе трае, меѓутоа може да почнеме од што Владата може да го контролира на краток рок и на среднорочен рок, посочи Никодиновска.

 

Една повозрасна скопјанка беше изненадена што пред Владата нема многу луѓе, па праша дали навистина не им пречи загдувањето на скопјани. – Требаше да биде помасовно. Потребни се многу итни и поригорозни мерки. Но, се зависи од Владата ние си бараме на Твитер, на Фејсбук, вели Снежана Таневска.

Првата детска амабасада во светот, како што рече нејзиниот прв човек, Драги Змијанац ќе ги поддржува сите иницијативи се додека не се реши состојбата со аерозагадувањето. – Ја поддржавме оваа иницијатива и ќе ја поддржиме и иницијатива на мајките во среда да не ги пуштат децата на училиште. Забележуваме дека МОН подготвува соодветна реакција за да не се пуштаат децата на училиште во екстремно аерозагадување кога ПМ четичките се над 75, 100, 200, 300, 400…, рече Змијанац и побара прагот да се намали и максимумот да биде 75 микрограми најмногу два дена. (МИА)

Повеќе фотографии на mia.mk.

 

Translate »