Ида Протугер за животот во Виена: Менаџери на видни позиции лежат на пешкири, без потреба од луксузирање

 

Ида Протугер-Вељковиќ е психолог по образование, а новинар по професија. Сопруга и мајка на три деца. Ида е позната како жесток критичар на неправдата, активна е и на фејсбук со нејзините аналитични статуси.Тие што ја познаваат ќе речат: “Таа е новинар кој секое време може да одговори на задачата, оти тоа  е нешто есенцијално кое го носи во себе”. Нејзината кариера почнува во агенцијата Миа“, a нејзината новинарска ѕвезда блесна воКанал 5, потоа во Дневник, имаше своја авторска емисија на телевизија Алфа, беше и во тимот на неделникот Граѓански, а пишуваше и колумни во неделникот Фокус“. Интересно е тоа што таа продолжува да ги истражува своите можности. Посетува школо за Лајф Коучингво Виена, а интензивно учи и германски јазик.

Радар: Како почна приказната со новинарството?

Коцките на животот ми се наредија да добијам шанса за вработување во агенцијата “МИА”и таму го научив новинарскиот занает. Во “МИА” отидов по препорака на пријателка дека е новоформирана агенција и бараат кадри, па мислев дека можам да ги понудам моите познавања на англиски јазик за превод на странски вести, но тогашниот директор Живко Георгиевски по кусото интервју ме праша дали би можела да се обидам како новинар бидејќи ним практично им треба таков кадар. Јас со задоволство реков дека ќе се обидам, така што нему му должам што станав новинар. Уште од средношколски денови редовно следев печат, но секако тоа не е доволно да се стане новинар. Имав среќа што практично во новинска агенција најдобро се учи како се пишува вест затоа што во дескот на “МИА” преработувавме вести од “Ројтерс”, “ДПА” и други светски новинаски агенции па така ги научив основите на занаетот. После година и пол, “Канал 5” бараше новинари каде работеше мојот тогашен колега Иво Котевски кој ми предложи да се обидам да сменам медиум, ме примија па така почнав да работам во телевизија.

Чекање изјави и на дожд и на снег

Телевизиското новинарство е сосема поинакво од агенциското, покрај брзината (која е потребна и во агенција), бара и размислување во слика, многу теренска работа каде производот не зависи само од тебе туку од тимот (снимател, монтажер). Исто така, телевизиското новинарство носи многу поголем стрес во смисла дали ќе го “начекаш” функционерот за да можеш да поставиш прашање од јавен интерес, многу често чекање изјави по дожд, снег, жештини, работа по 12 часа дневно, без или многу малку слободни викенди. Во “Канал 5” неколку месеци откако се вработив, тогашниот уредник Роберт Поповски ми понуди уредничка позиција бидејќи имаше одлив на кадар, па им беа потребни уредници и презентери на вести. Бев уредник на вести и презентер заедно со уште пет колеги со кои ротиравме во текот на неделата. Кога не беше “мој” уреднички ден, во останатите бев репортер што покрива економија. Подоцна станав уредник на економската редакција и презентер. Во “Канал 5” ја запознав Јадранка Костова која имаше големо влијание врз мене во насока на поттикнување на истражувачкото новинарство и трагање по вистината. Во 2006 година заминав од “Канал 5” и се вработив во “Дневник”. Во тоа време “Дневник” беше во сопственост на германски ВАЦ и беше неверојатно професионална средина која не знам дали ќе се повтори. На чело на компанијата беше Миле Јовановски, еден од основачите на “Дневник”, исклучителен човек. Тоа беше за мене најзначајносто искуство бидејќи пишаното новинарство е сосема различно од телевизиското и она во новинска агенција. Тука немате слика која ја покрива информацијата, туку вие треба да им ја објасните на читателите на едноставен, илустративен начин, со неверојатна прецизност и точност во информирањето. Тогашен главен уредник на “Дневник” беше Катерина Блажевска која ми беше идол уште од времето кога работеше во “Денес” и ги имав прочитано сите нејзини колумни. Тогаш во” Дневник” имаше тим од исклучителни професионалци со кои ми беше чест да работам.

 

 Новинарка која ќе биде Животен тренер

Во 2008 кога “Дневник”полека влезе под “окупација” од “груевистите”, заминав во телевизија “Алфа” каде работев како уредник на економска редакција и презентер на вести, подоцна и како автор и водител на емисија. Таму бев од формирањето на телевизијата до 2012 година кога и Алфа “падна” под груевистичката чизма. Тогаш се формираше неделникот “Граѓански” на Миле Јовановски каде беа повеќето од моите колеги со кои работевме во Дневник. Неделникот опстоја само една година и оттогаш немам редовна работа. Веднаш по згаснувањето на “Граѓански” со сопругот заминавме за Женева, Швајцарија каде живеевме седум месеци, потоа останав бремена, па со бебе па продолжив да работам хонорарно. Анализирајќи го пазарот во Австрија и моите квалификации, без оглед на богатството од искуство во разни медиуми, сепак сфатив дека овде не сум конкуретна како новинар бидејќи мојата најсилна страна, познавањето на економската и политичката ситуација во Македонија наназад 20 години, тука не значи многу. Македонија е мала земја и во реалноста, не е многу интересна во европски и светски рамки. Друга моја силна страна е аналитичноста па решив да ја искористам така што ќе се обидам во нова професија. Бидејќи сум дипломиран психолог, запишав тренинг за “Лајф коуч”, што би се превело кај нас  како Советник за живеење, кој нуди помош во надминување на животни проблеми и ситуации. Тоа е овде многу популарна професија. Практично потребни се вештини на психолог, со таа разлика што психотерапевтите работат и со клиенти со одредена патологија, а советниците за животни ситуации работат со луѓе кои се соочуваат со прилично вообичаени животни предизвици. Сега сум прв семестар, а едукацијата трае 5 семестри или 2,5 години. Паралалено со едукацијата за Лајф коучинг, учам германски на курс интензивно веќе 6 месеци. Секое учење и унапредување на знаењата за мене е предизвик и ме прави среќна.

 

Радар: Со вашето семејство живеете во Виена, каков е животот таму?

Во Виена не живееме долго, бидејќи две години за живот во сосема нова средина се прилично кратко време за прилагодување. Првата година не знаеш каде се наоѓаш, го учиш градот, збунет си што не го разбираш јазикот, но сега, по две години, веќе се чувствувам убаво во градот и го засакав премногу.  Моето прво искуство на живот во развиена земја беше во Женева. Сум патувала доста, но само како турист, а во Женева разбрав точно која е разликата меѓу земја во развој и развиена земја. Генералниот впечаток што го стекнав е дека луѓето како во Женева, така и во Виена, имаат многу повисока свест за јавното добро, за сопствената улога и одговорност во општеството и се едноставни и практични. Еден пример за свеста на луѓето за јавното добро беше кога шетав во паркот покрај женевското езеро и видов млади како прават скара на прекрасна зелена искосена трева. Го гледам огнот од скарата, распослани рогозини и се исплашив дека ќе се оштети тревата, си помислив сега веројатно ќе ги казнат, ќе направат лом, а колку е среден паркот. Понатаму гледам уште една група млади, исто прават скара. Се чудев како некој не дојде да ги спречи, дека паркот ќе се извалка и уништи. На враќање кон дома, после еден час, тревата беше како нечепната, исчистена до последно парче салфетка. Скарите дознав дека се дозволени бидејќи имаат добра подлога каде се собира маслото. Но, поентата е за луѓето, дека се сосема свесни за јавната површина и не би помислиле да заминат без да исчистат и да остават како што затекнале. Ситуација втора за едноставноста.

Луѓето се едноставни и практични

Одам на градска плажа во Женева и нема лежалки. Само во два реда долги и широки клупи што се наменети за поставување пешкири и плажа со камчиња на која нема ништо. Гледам сите наједноставно на пешкири лежат, никаков луксуз. Иако гледаш Ролекс на пешкирот, човекот се сонча на камчиња на наједноставен пешкир. Си помислив на Градиште во Охрид каде не само лежалки, туку има и душеци со балдахини. Си велам добро, ова е градска плажа, можеби затоа поедноставна. Но, одам друг ден на специјална плажа за вработени во Обединети нации каде исто така немаше лежалки, не па балдахини. Видов менаџери на позиции за кои се знае дека платите им се многу високи, но седат на столица во кафе бар или на пешкир на клупа или на трева. Во Виена исто, луѓето уживаат во едноставноста. Културата на живеење поттикнува луѓето да се едноставни, практични, солидарни и внимателни кон јавното добро. Ми се случи еднаш жена да ме опомене во автобус дека син ми со чевлите (дека е мал, нозете му се колку седиштето) може да ја извалка столицата да внимавам да му останат стапалата надвор од седиштето. Можеби кај нас ќе речат дека е претерано, но луѓето овде знаат дека сите треба да ги чуваме јавните добра и површини. Во Скопје ми кажуваат за еден другар од детство дека шофер го разнесувал преку ден, дури и кога оди на кафе. Во школото за Лајф коучинг со мене оди еден сопственик на фирма која се занимава со проект менаџмент и има проекти низ цел свет, само можам да претпоставам за приходите што ги има. На еден од семинарите се извини дека доцни бидејќи доаѓа право од пат, па чекал воз, па трамвај да стигне од аеродром. Можеби има и други примери на спротивно однесување од ова, а не велам ни дека едноставноста е еклузивно позитивна особина, но таа воочена скромност како доманинантен тренд мене ме плени. Натаму, голема реткост е некој да оди преку ред, да вози брзо, да поминува на црвено. Низ цела Виена дозволено е најмногу да се вози 50 км на час и затоа сообраќајните незгоди се реткост. Виена е инаку град со можеби најдобра мрежа на јавен транспорт. Возовите во подземната железница одат на 3 до 4 минути, трамвај исто така чекате околу 5 минути, најмногу до 10 минути за викенд. Паркови има многу, а има и доста шуми во самиот град. Она што исто така го забележав како позитивна разлика е што кумоникацијата граѓанство – власт е видлива преку секојдневието. Редовно сте известени за макар најмала промена во распоредот за возење во јавниот транспорт. Редовно ви ги одржуваат парковите, лулашките за децата. Градот ве известува преку весник и по пошта за културните содржини (неколку пати годишно има бесплатен влез во музеите), а секој жител на домашна адреса добива информација за настаните и купони со попусти или бесплатна посета на претстави во реонот во кој живее. Многу од административните работи ги завршувате преку компјутер, а не на шалтер. Кога го запишував син ми во градинка, требаше да добијам т.н. детски број. Им пишав преку електронска пошта, ми вратија кои документи треба да им ги пратам скенирани, ги пратив и го добив бројот на домашна адреса без никаква комуникација со шалтер. Сега актуелно пред Божиќ има поставено панаѓури буквално на секој чекор. Има атракции за деца, пред Градската куќа има големо лизгалиште, со еден збор, содржини кои им го разубавуваат животот на граѓаните. Некој во Македонија може да рече дека властите се поодговорни, но вистината е дека властите и граѓаните се во взаемен однос на контрола и испорака на услуги. Во Македонија граѓаните ги доживуваат луѓето на власт како богови кои треба да ги молат за услуга. Не, тие се должни да испорачаат услуга кон граѓаните и да дадат отчет и колку повеќе се луѓето свесни за тоа, тоа ќе биде притисокот кон власта да се однесува одговорно поголема.

 

Кога се сечеа дрвата во Скопје, и се увезуваше кршот од автомобили сите молчеа, а сега одеднаш им пречи загадениот воздух

Многу би сакала Македонија да израсне во место на задоволни граѓани кои нема да бидат фрустрирани од нечист воздух, од лоши политики, од неквалитетни здравство и образование, катастрофален јавен превоз, односно сето она што се подразбира како основен квалитет на живот во развиените земји. Но промената да повторам, треба да почне од самите луѓе. Кога се намалија ЕУР стандардите за квалитет на горивата, во земјава влезе најголемиот европски крш. Во ЕУ тогаш веќе ЕУР 5 стандарди беа на сила. Јас лично сум пишувала против таа мерка, но немаше протести во Скопје, напротив, сите беа среќни дека ќе купат поевтин автомобил. Кога се сечеа паркови, најголем дел од скопјани седеа дома и уживаа привилегии од владата на Груевски. јас сум пишувала и за тоа, имаше и многу лични и организирани акции против таквите политики, но мнозинството си мируваше. Сега одеднаш сите се свестија дека воздухот бил загаден?!? Сочувствувам со граѓаните, таму се и моите деца и најмили, но за да се реши проблемот, потребна е прво граѓанска свест, што се надевам се буди.

Радар: Колку пораснаа синовите?

Најстариот има 25 години и работи, средниот има 20 години и студира, најмалиот 3,5 години и оди во градинка. Тие се мојата најголема скапоценост и само сакам да се живи, здрави и среќни. Големите двајца се во Македонија и многу ми недостасуваат иако одам често во Скопје, но не е исто. Ми недостасува повеќе време со нив. Малиот ми е во моментот најголема преокупација и бидејќи животните предизвици не ми дозволија доволно да уживам во детството и младоста на поголемите двајца, бидејќи имав многу обврски, сега со најмалиот ми се чини дека компензирам. Тој оди во германска градинка и стравував како ќе се разбере со децата кога дома зборуваме македонски, но учи бргу и не само германски, туку некојпат се враќа од градинка со некој збор на шпански или руски, што му ги кажале другарчиња што потекнуваат од тие земји.

Радар: Што ви  недостига најмногу од Македонија?

– Синовите и блиските. Луѓето. Овде стекнавме многу пријатели, запознавме многу драги луѓе со кои се дружиме, но богатиот социјален живот не може да го замени недостигот на контактот со блиските во Скопје. Колегите ми недостасуваат. Среќа има вибер, ФБ и други алатки кои ја олеснуваат комуникацијата на далечина, но тоа не е доволно. Ми недостасуваат и ќебапите од “Турист” во Турска Чаршија, Чамо, но најмногу од се, настрана од луѓето, ми недостасува Скопје од пред 2014-та. Односно пред 2006-та откако почнаа погубните политики со градење, увоз на стари возила, сечење паркови и дојде до сегашната ситуација да биде најзагаден град во светот со грди и расипани градби во центарот. Сега за Нова Година ќе дојдам во родниот град и заедно со подароци за блиските, пакувам маски за дишење што е многу тажно. Особено се чувствувам незаслужено привилегирана што живеам во град што е во првите три според добар квалитет на живот, а моите двајца синови живеат во град што е на врвот според загаденост. Тоа не ми дава да дишам мирно.

Радар: Честопати следиме ваши коментари и колумни на фејсбук ви недостига ли новинарската професија?

– Јас се уште не сум ја напуштила новинарската професија без оглед што почнувам нова професионална приказна. Пишувам повремено за Фокус, неодамна правев прилог за 24 вести за изорите во Австрија, претходно за истата телевизија за Парадата на гордоста, за образовниот систем и македонските студенти во Виена. За последните парламентарни избори во Австрија пишував за агенцијата “МИА”. Многу ми значи што сум во контакт со колегите и вестите во Мк. Ние имаме сателитска програма и редовно со сопругот гледаме вести, дебатни емисии, односно во тек сме со случувањата во земјата. Мојата љубов кон новинарството не може да ја снема иако сум разочарана од тоа во што се претвори новинарството и колку време ќе треба да се врати повторно на позицијата седма сила, со кредибилитет и одговорност кон јавноста.

Не може некој што ширел пропаганда да биде на исто ниво со професионалните новинари

Има многу квалитетни новинари, кои ја бранат, така да речам, честа на професијата, кои опстојаа да го штитат јавниот интерес и да не влезат во пропагандниот конзорциум што го создаде власта на Груевски. Но доминацијата во медиумскиот простор ја имаа пропагандистите, бидејќи власта на Груевски го злоупотребуваше државниот систем, како и судскиот, да го минимизира влијанието на вистинските новинари и да инфилтрира божем новинари во влијателните медиуми за да го формира јавното мислење во сопствена корист. Дека сите диктатури имаат крај, тоа го дозна и Груевски и пропагандистите. Сепак, за да заздрават медиумите, да станат кредибилен извор на информации и да служат на јавниот наместо на интересот на одредени политички партии ќе треба новинарите да се справат со божем новинарите во сопствените редови. Не може некој што до пред некој месец ширел пропаганда во Канал 5 или Сител, сега  да биде колега на исто ниво со професионалците кои го зачувале дигнитетот на професијата. Без прочистување во редовите, промената не е можна.

Радар: Учествувавте и на некои од протестите против минатата власт, каков е вашиот впечаток се смени ли нешто во Македонија или приказната се рециклира?

Не можам да не искажам радост дека после толку години уназадување на земјата во сите сфери, особено кај човековите права и демократијата, падна една автократската гарнитура и една штетна политичка фигура по сите процеси кои беа важни на Македонија, најмногу по демократскиот. Тоа е една голема позитивна промена која ја промени атмосферата во Македонија. Она што е исклучително позитивен исчекор со новата власт е меѓународната политика и меѓународните односи. Она што е најголема слабост е кадровската политика. На Македонија сега повеќе од кога било и се потребни лидери и квалитетни луѓе. Многу од квалитетните заминаа, човечкиот потенцијал што може да ги унапреди состојбите не е голем, но наместо тој да се фаворизира и негува, повторно на сцена видовме промоција на партиски кадри. Ние не видовме јасни правила на поставување на челните луѓе на сите важни институции според компетенциите, туку бевме сведоци на поделба на функции според “долгови” по основ на партиски ангажман. Некој зошто бил истакнат претставник на Шарените, некој затоа што и во груевизмот останал лојален на СДСМ. Да повторам, сега повеќе од кога било беше потребно раководењето со институциите да се остави на луѓе со интегритет и авторитет што извира од нивните компетенции, а не партиска послушност и “резултати”, бидејќи само тоа е патот за одново поставување на општеството на здрави темели преку силни институции. Во предложените биографии на новопоставените функционери, во најголем дел доминира партискиот историјат на постигнувања и заслуги, а стручноста е покриена со некоја про-форма диплома. Кога стручноста и искуството во биографиите би биле навистина препорака за лидерска позиција, тоа би било прилично голема промена, што би ги задржала квалитетните кадри во земјава. Според сегашниот систем, компетентните и визионерите само се мотивираат позасилено да избегаат од Македонија и од нивното искуство и стручност да профитираат некои други земји, институции или приватни копании. Вие квалитетот не може да го уништите, само може да со тоа што нема да му обезбедите поволно тло за процут, да доведете до тоа, тој да ги даде своите плодови на друго место. Ако Заев ја обвинувал политиката на ДПМНЕ за масовниот егзодус од земјата, сега треба да биде свесен дека истиот го поттикнува со кадровската политика на одлжување кон партиски кадри. Сега и ЕУ како што гледам ја критикува владата за овој начин на кадровско екипирање.

Радар: Што ќе им препорачате на новите власти?

Ум во глава.