Кловнот Заги: 10 години дипломата ми стои во фиока, а во градинките воспитувачките се како “супермени” една на 30 деца

Во  пелагонискиот регион нема кој не слушнал за коловнот Заги. Зад маската на овој популарен кловн се крие неверојатна жена, станува збор за Драгана Спасевска. Таа е дипломирана воспитувачка ,сопруга, мајка на три прекрасни деца. Ликот на Заги го создала пред 9 години, а неговата популарност расте со појавувањето како водител во детски емисии на две локални ТВ, а учествуваше и во неколку театарски детски претстави. Драгана организираше и хуманитарни настани за помош на деца, а веќе неколку години пишува детски текстови. Публиката ја забележа и како водител на детскиот фестивал “СИДО”. Таа вели :,,Кловнот Заги е секогаш со децата и за децата”.

Фотографија на Dragana Spasevska.

 

Радар: По струка си дипломиран воспитувач ,но досега не сте работеле во градинка, не сте се обиделе или.. ?

Јас сум дипломирана воспитувачка и до сега сум работела 13 месеци во приватен едукативен центар како воспитувачка, а како кловнот Заги постојам веќе 9 години , но никогаш не сум работела во градинка и тоа е мојата единствена неостварена желба.Сум се обидела и редовно се јавувам на огласите, меѓутоа во нашата земја изборот за воспитувачки или за било кој кадар во државна институција е малку ‘обоен’, и оние најобоените влегуваат на работа, па дури некогаш и без соодветно образование, за жал.

Фотографија на Dragana Spasevska.

Радар: Има ли иднина за педагозите во Македонија, со оглед на тоа што градинките имаат недостиг на кадри, по една наставничка на 30 деца, а од друга страна еве вие сте невработена, а имате одлично искуство со деца?

Еве 10 години мојата диплома стои, а и лиценцата ми тече втора година, и секој ден си велам дека работите ќе почнат да течат поинаку. И МОРА да се направат големи промени, како за нас невработените воспитувачи, но најмногу за децата,затоа што 15 деца во група е соодветна бројка за работа, за внимание, за следење на успехот, растот и развојот….но 30 деца веќе е дупла бројка, и секој успех кој сакаме да го постигнеме кај 30 деца со 1 воспитувачка и 1 негователка ….некако ни паѓа во вода….тешко е….Мислам дека воспитувачката која работи со 30 деца е посилна и од супермен

Фотографија на Dragana Spasevska.

 

Радар: Како добивте идеја да се облекувате како кловн и кој го смисли името на кловнот?

Па искрено мајка ми некако ме поттикна. Откако дипломирав требаше да почнам од некаде. Имаше игротека во нивна близина и сакавме да им понудиме поинаква и добра забава. Па со мајка ми дискутиравме каков лик да бидам јас кој би го сакале и машките и женските деца, и одлучив да биде тоа кловн-кловнот Заги. А името веќе ми беше дадено –така ме викаа на надимак уште кога живеев во Тетово.

Радар: Децата ве обожуваат, се случило ли некогаш некое дете да не сака да ве пушти или да ве доживува како играчка?

Да ,ми се случило да не ме пушта едно девојче да си одам дома. Сите гости си отидоа, а таа ме молеше да дојдам и да спијам кај неа ,заедно со неа во  нејзината детска соба. Ја убедив дека прво морам да одам дома да си земам пижами и така се разделивме…..Исто така едно двегодишно девојче ме бакна во устата и ми рече дека многу ме сака и дека кога ќе порасне ќе биде како мене. А има многу деца кои ме запознале како Заги, а подоцна ме запознале и како Драгана, па сме станале добри другари и каде и да ме видат ми трчаат во прегратка.

Фотографија на Kafe igroteka BUBA MARA Bitola.

 

Радар: Се случило ли некогаш да ве удрат или да се плашат од вас?

Да ,ме удираат затоа што ме доживуваат како играчка, ми го тргаат носот и слично,но тоа не ме плаши толку многу, туку ме плаши одбивањето. Во последно време децата ни се “закачени” на “Јутјуб” и таму не сакајќи им излегуваат страшни кловнови со страшна содржина ,па се случува децата кога ќе ме видат да се уплашат…но тоа се случува обично кај деца кои прв пат ме гледаат. Реагираат многу уплашено….но за тоа не се виновни децата ,туку тука имаат голем удел родителите кои не следат што гледаат децата на “Jутјуб”. А јас би им препорачала на родителите да им пуштаат некој од богатиот избор на “Дизни”филмови, кои имаат прекрасна содржина соодветна за деца ,која едуцира и релаксира,така ќе имаме поопуштени и посреќни деца.

Друга стресна ситуација ми се случи во Ресен и во Демир Хисар, кога полициско возило влезе во мојата лента за да ме сопре. Тогаш бевме двајца кловнови и некој жител не пријавил во полиција затоа што сме биле “сомнителни” маскирани лица.Малку и полицаецот пребрзо изреагира, па се јавуваше во Битола да види дали имаме досие….Но на крајот и самиот се смееше за неговата реакција и ни се извини , и кажа дека не пријавил некој жител.

Радар: Што ќе им препорачате на родителите?

На сите родители сакам да им препорачам да најдат малце слободно време за своите деца.  Денес сме свесни дека на сите погледот ни е долу во телефоните,а децата сакаат родителите барем за момент да го кренат погледот горе кон нив, за да им покажат штo научиле ново денес или нешто да се искажат. Сакам родителите барем пола час да седнат долу со нив на подот, да играат заедно, да цртаат заедно или било што да прават, само нешто да прават заедно.Само времето посветено на децата не е залудно потрошено време, така се гради нивната личност со самодоверба и само така децата ќе раѓаат успеси…..Се друго може да почека,и телефон, и машината за перење,и садовите. Само не го одбивајте детето кога сака нешто да ви каже. Затоа што децата  бргу растат,а ако тоа дете се изгради во нестабилна личност, тогаш родителите се запрашуваат зошто е таков? Па подоцна има проблеми со средината, во училиштето, или секаде. Тоа е затоа што на тоа дете не му се обрнало внимание кога требало, не му се сретнале погледите со родителите, не се разговарало со него. Понекогаш мислиме дека ако ги пуштаме децата на дополнителни активности како учење јазици или математика, проблемите сме ги решиле и дека тоа дете понатаму ќе има успех. Не е така. Секој успех и мотивација на детето му се дава од дома, ако родителите му кажат убав збор. Само еден топол разговор и размена на погледи и детето може да ги помести сите планини на светот, верувајте. Затоа, што почесто бидете со своите деца, отвoрајте теми,разговарајте….ако сакате да имаме здрави поколенија.

 

 

Translate »