Видео: Пентагон објави снимка од средба со НЛО

Откако го призна постоењето на тајната програма за истражување на неидентификувани летечки објекти „НЛО“, Пентагон објави и една од „необјаснивите“ снимки од средба на морнарички пилоти и НЛО.

Командантот Дејвид Фрејвор и поручникот Џим Слејт еден ден во 2004-та година летале со авионот „Ф/А-18Ф“ на стандардна мисија над брегот на Сан Диего, кога биле контактирани од официр од бродот „Принстон“ кој ги замолил да истражат непознат лебдечки објект над морето.

Според зборовите на Фрејвор, официрот им рекол дека бродот ова мистерозно летало го следи веќе две седмици.

Објектот најпрвин се појавил на висина од околу 24 километри, за потоа брзо да лета кон морето и да сопре на 6 километри од површината на морето и да започне да лебди. Пилотите ги следеле инструкциите од бродот, но на почетокот не забележале ништо.

Меѓутоа, кога Фрејвор погледнал надолу кон морето, забележал дека тоа е разбрането. Тогаш го забележал леталото кое што било на петнаесетина метри над морето. Фрејвор раскажал дека леталото било со бела боја, долго околу 12 метри и во овална форма.

Тој за „Њујорк Тајмс“ раскажува дека леталото „скокало неправилно“ и не се движело во одреден правец. Фрејвор полека кружно започнал да го спушта авионот за подобро да го погледне објектот, но тогаш леталото започнало да се подига кон него. Кога Фрејвор го забележал тоа, набрзо забрзал кон леталото, но тоа веднаш го променило правецот и исчезнало.

„Забрза како нешто што никогаш не сум видел дотогаш. Тоа баш ме зачуди“, изјави Фрејвор.

Иако тој не знае за што станувало збор, тој заклучил дека леталото немало крила и дефинитивно било побрзо од ловецот „Ф-18“. Како што раскажува тој, додека повторно разговарал со командата на бродот, официрот му јавил дека повторно го гледа објектот, а Фрејвор не можел да поверува дека леталото за толку кратко време прелетало толку големо растојание.

Додека Фрејвор и Слејт пристигнале на местото каде што било забележано „НЛО“ леталото, тоа повторно исчезнало.

Пентагон призна дека во период од пет години спроведувал тајна програма за истражување на НЛО, а програмата била прекината во 2012-та година кога челниците на Пентагон решиле дека средствата треба да ги фокусираат на нешто што ќе биде од поголем приоритет.

За програмата која што била наречена „Напредна програма за идентификација на закани од вселената“ во тајност биле издвојувани 22 милиони долари годишно.

Tocka.mk

Translate »