Села излегува од владата, Заев вели дека остава отворен прозор

 За мене е логичен чекор заради тоа што Зијадин Села на состанокот во мојот кабинет беше дециден дека не прифаќа потпретседател на Влада за реформи. Сепак остави можност да дискутираат во партијата, а тоа го направија. Се понадевав дека ќе останат во Владата и дека ќе доразмислат за понуденото место, но веројатно конечно се откажале од прифаќањето на понудата, а согласно тоа ги прави чекорите за повлекување на своите луѓе, рече Заев одговарајќи на прашање по промоцијата на финалната верзија на Планот за економски раст.

Тој нагласи дека ќе ја почитува одлуката на Алијансата на Албанците каква и да биде, но сепак како што кажа, остава отворен прозор за соработка во интерес на граѓаните и реформите.

– Сметам дека таму има квалитетни луѓе со кои јас лично би соработувал. Јас не сум човек што брза со одлуките веднаш некого да разрешам и ќе почекам да видам што ќе се случува, потенцира Заев.

Алијансата на Албанците и официјално излегува од Владата и ќе делува како опозиција потврди лидерот на партијата Зијадин Села. Заменик министерот за надворешни работи Арта Точи веќе ја поднела оставката а истото ќе го направи и Заменик министерот за транспорт и врски Ремзи Мехмеди. Во Телефонски разговор за ТВ 24 Села ја потврди информацијата.

„Информацијата е точна. Алијансата на Албанците излегува од Владата и замениците министри денеска или утре најдоцна ќе ги достават оставките до Владата во писмена форма“, вели Села.

Села иако тврдеше дека ќе остане во владината коалиција додека да се гласа Законот за употреба на јазиците сепак поради неговото одолговлекување вели ќе го поддржат и како опозиција бидејќи тие инсистирале да се гласа и деновиве за него, но тоа не се случило.

Излегувањето на Села од Власта доаѓа како резултат на несогласувањата со Заев во врска со вицепремиерското место за реформи кои им беше понудено на Алијансата на Албанците, но за нив тоа не беше прифатливо и го бараа повторно назад Министерството за здравство кое сега го води Венко Филипче.

Фото: Слободен печат

ТВ 24

Translate »