Прочитајте кој е ослободен од работа, заради загадувањето

Една од мерките заради загадувањето што вчера стапи на сила  е ослободување на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, од денеска да бидат  ослободени од работните обврски со препорака од матичен лекар. Тоа е една од краткорочните мерки што вчера стапи на сила поради тоа што воздухот е загаден повеќе од два дена. Поточно во изминативе два дена мерните вредности на ПМ10 честичките беа над 200 мг на кубен метар, највисоки на мерните станици во Лисиче, Ректорат и во Тетово, каде што достигнаа и 600 мг на кубен метар.

Министерството за животна средина и просторно планирање предлага и реорганизација на работното време на лицата што работат на отворено, од 11 до 17 часот.

Според мерките, Министерството за здравство ја задолжува Службата за итна медицинска помош да доставува информации до Институтот за јавно здравје за број на повици според дијагноза на МКБ10, пол, возраст, место на живеење-општина, за времетраењето на алармантно загадување на воздухот на дневна основа.

Исто така, Владата ги задолжи сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина од вчера на терен вршат зајакнати контроли на правните субјекти што поседуваат А интегрирани еколошки дозволи (А ИСКЗ), соопшти попладнево ДИЖС.

Скопје и Тетово се опфатени со зајакнатите контроли на Државниот инспекторат за животна средина, а доколку биде потребно, инспекторските екипи ќе бидат зајакнати и со инспектори од другите градови.

Поради големата загаденост на воздухот, Градот Скопје донесе одлука за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Бесплатниот превоз ќе биде овозможен се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

Советот на Општина Центар вчера донесе одлука за запирање на спроведување на 31 Детален урбанистички план за подрачјето на општината на предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, кое ќе трае два месеци. Со оваа одлука, како што покажале истражувањата на општината, загадувањето ќе се намали за 22 до 25 проценти.

Translate »