Една слика нацртана од двајца автори -Еми и Стојче Тоциновски сликаат прекрасни уметнички дела

loading...

Емилија и Стојче Тоциновски се наши реномирани академски сликари, сопружници, кои покрај тоа што заедно ги совладуваат сите животни предизвици, заедно и сликаат. Создаваат интересни уметнички дела кои го носат нивниот заеднички печат. Учествувале на регионални и локални уметнички колонии. Креативци кои со својата ненаметливост и скромност предизвикуваат интерес. Мистичноста на нивните дела не поттикна на разговор со нив, да отворат дел од нивната душа за пошироката јавност.

 

Интересно е што заедно сликате. Колку тоа природно ви се наметнува, како е можно толку лесно да се согласувате? Да ја исклучите суетата, егото, индивидуалноста, и толку сплотени да создавате заеднички уметнички дела?

Довербата ја имаме еден кон друг, а индивидуалноста е задржана како двајца автори на едно дело. Ние сме водени од интуицијата, уметност која има естетска вредност и чиј концепт на извршување треба да биде издржан до крајот.

 

Имате интересен уметнички циклус со назив “Вљубени”. Колку емоциите се важни за едно дело?

Постои мистерија околу нас, заемна поврзаност и ако душите се отворат тие се соединуваат. Сликите ги меморираат чувствата. Тоа е она што се обидуваме да го доловиме во овој циклус.

 

Колку фигуративната апстракција има моќ да пренесе една порака?

И двајцата уметноста ја сметаме за огледало на времето во кое настанува и без да шокираме создаваме минималистичка фигуративна апстракција. Доживувањата ги пренесуваме преку дрвата и планините кои толку многу ги сакаме и за кои посебно сме поврзани.

Ги сакате животните. Велите нивните очи ги доживувате како човечки карактери. Колку преку портретите на животните сакате да испратите порака и до луѓето?

Ние сме одговорни едни кон други, треба да се сакаме и да се почитуваме. Така било и во дамнина, така треба да продолжи и понатаму. За тој однос можеме да научиме многу од праисторијата па се до денес. Особено многу можеме да осознаеме од басните, каде животните имаат посебни улоги и на еден директен начин не информираат за човечките вредности, за разликата меѓу доброто и лошото. Инспирирани од басните, кои до денес пренесуваат вистини, креиравме еден цел циклус, на кој посебно сме горди. Сите живееме на едно место, тоа е наш заеднички дом. Се надеваме дека и овие наши слики ја пренесуваат таа позитивна енергија и создаваат убави чувства кај тие кои ги восприемаат.

Велат уметничките дела се одраз на времето во кое живеат и творат уметниците. Колку тоа важи за Вас? Односно колку успевате да се одвоите од реалноста, да живеете во свој свет, кој се чувствува во вашите дела?

Современата уметност е уметност на нашето време и уметност која не отсликува кој сме како единки и како општество. Mногу е тешко да се биде апстрактен уметник и да се поместиш со апстрактна слика. Од изложба на изложба ја разкажуваме нашата приказна. Животот не научи дека само преку дисциплина, посветеност и прецизност, надополнети со талент може да се создава. Времето во кое живееме влијае на сите нас од многу аспекти. Но дали тоа ќе влијае позитивно или негативно, зависи од самите нас. Кога кај уметниците постои отворен ум, постојано истражување и набљудување на околината, едукација, посета на галерии и студија тогаш не постојат никакви ограничувања. Никогаш не гледаме што не можеме, туку што можеме. Затоа и во нашите дела има многу позитивизам, топлина и пред се чувства.

Која техника ви е омилена?

Омилена техника ни е акрилот, не е токсичен, транспарентен е и сјаен. Ние создаваме свое толкување со употреба на маркери, акрилик, графит и многу злато и сјај.

Колку природата е инспирација за Вас?

Ние ја пренесуваме природата на свој начин, ја истражуваме и правиме комбинација на раскошни миксови на елегантни форми на дрва и планини, кои често немаат перспектива и длабочина, туку се успешно решени.

Што можеме да сретнеме во вашето уметничко студио “Фантаст”, кое се наоѓа во ТЦ Бисер?

Рефлексија на нашиот идентитет и култура. Топол напиток, комфорна атмосфера, интересен разговор и уживање во уметничките дела.

За крај и едно апстрактно прашање за Емилија. Каков е карактерот на бојата?

Бојата е кожата, таа го обојува светот, платното. Црната е звукот, белата е светлината, боите се мирисот на сликата.

https://www.facebook.com/TonyEmiTocinovski

  • 078 865 022

 

 

Translate »