Што ако законот за јазиците не го потпише Иванов?!

loading...

По изгласувањето на Законот за употреба на  јазиците во собранието се наметнува дилемата што ако претседателот Ѓорѓе Иванов не го потпише Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во државата?! Според Уставот и парламентарниот Деловник треба да биде потпишан и  од првиот парламентарец Талат Џафери.

Неизвесно е како ќе постапи Иванов и дали ќе го потпише указот за овој закон, што од Собранието му бил испратен уште вчера, веднаш по донесувањето. Иванов, како што посочуваат од неговиот Кабинет, има рок од седум дена да го потпише указот на законот.

Дилемата за тоа дали претседателот на државата ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.

Претседателот Иванов може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Деловникот на Собранието, пак, се предвидува и ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно да го разгледа законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот.

Во своето обраќање пред пратениците на 26 декември, Иванов кажа дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик, туку тој преставува закана по унитарноста  на државата. Законот, според него, го крши Уставот на Република Македонија

Неговата одлука за законот, рече тогаш Иванов, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Тој, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонските закони.

– Јас сум претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик, истакна Иванов.

Според него, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија.

Собранието на Република Македонија вчера со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. Законот беше изгласан и со двојно мнозинство, односно за него гласаа 27 пратеници од немнозинските заедници, а еден беше воздржан. На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не учествуваат во работата на Парламентот во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.

Translate »