Баерн Минхен или Реал Мадрид, кој ќе победи вечер- Видување на Предраг Мијатовиќ

Предраг Мијатовиќ во ексклузивно интервју за германскиот магазин „Кикер“ направи најава на вечерашниот дуел во Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и Реал Мадрид, а поранешниот напаѓач на „кралевите“ во своето обраќање објасни зошто му дава предност на неговиот омилен тим и покрај тоа што за противник ќе има навистина силен состав.

Популарниот Пеџа во разговорот не штедеше комплименти и за Јуп Хајнкес за кого вели дека неговата тренерска кариера ќе биде повеќе од успешна и без освоен трет трофеј во Лигата на шампионите, но во продолжение се осврна и на она што го очекува на теренот.

Мијатовиќ потсети на тоа дека Баерн минатата година му направи многу проблеми на Реал, но исто така напомена дека Баварците ќе немаат никакви шанси доколку Кристијано Роналдо има ноќ како што сите очекуваат од него.

– Баерн може да му приреди вистински проблеми на Реал, тоа го видовме и минатата година. Речиси да направија пресврт во вториот меч од четвртфиналето. Баерн е супер активен тим и добро се покриени на секоја позиција. Ќе имаат шанса, но само ако Реал не влезе во својот ритам. Сепак, искрено кажано, ако Роналдо има една од своите препознатливи магични ноќи во Лигата на шампионите, тогаш ниту Хумелс, ниту Боатенг, ниту цел Баерн нема да може да го сопре. Оние што ќе го чуваат ќе мора да го дуплираат, да му пречат при примањето на топката и што е најважно, да се молат, – вели Мијатовиќ.

Translate »