ВМРО-ДПМНЕ ги обзнани кандидатите за градоначалници

Јохан Тарчуловски во Кисела Вода, пратеникот Зоран Илиоски во Битола, а актуелниот Илчо Захариев во Штип. Тоа се дел од имињата што како градоначалнички кандидати извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ му ги препорачал на централниот комитет на партијата, рече денеска поранешниот технички премиер Емил Димитриев, член на ИК.

Како што рече тој, во игра за Бутел е Дарко Костовски, во Виница – Мартин Павлов, а во Босилово, Василево, Ново Село и Свети Николе најверојатно ќе бидат кандидирани актуелните градоначалници Љупчо Колев, Ванчо Стојанов, Блажо Велков и Зоран Тасев.

И актуелниот градски татко на Кочани, Ратко Димитровски, повторно ја добива довербата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, исто како и Жанета Чаушевска во Градско, Ѓоко Стрезовски во Ресен, Иван Франгов во Гевгелија и Дарко Митевски во Македонска Каменица.

Во Охрид партијата ќе го кандидира ортопедот Митко Тилев, а во Дојран ќе настапи со актуелниот градоначалник Борче Стамов.

Актуелни градоначалници што ќе бидат кандидирани за таа функција се и Арсенчо Алексовски во Крива Паланка, Блаже Станков во Зрновци, Стефче Трпковски во Сопиште,  Игор Трајковски во Дебрца, Љупчо Блажевски во Демир Хисар, Тони Коцески во Јегуновце, Игор Поповски во Пехчево и Тони Тоневски во Пробиштип.

Translate »