„Вакцината е првиот и најдобриот начин за заштита во сезоната на вируси“ – Интервју со д-р Дејан Докиќ – пулмолог

Во сезоната на вируси која ни претстои, скоро со сигурност можеме да кажеме дека заканата од сезонски грип никогаш не била поголема. Истовременото присуство на Ковид-19 и сезонски грип прават и двата вируси да делуваат негативно на нашиот имунитетен систем, притоа имајќи слични симптоми кои можат да ни создадат дилема дали се работи за помалку или за повеќе опасниот вирус. Затоа е важно да се заштитиме најдобро што можеме, како би обезбедиле мирен живот за себе, но и за нашите најблиски. Нешто повеќе околу сезонскиот грип и заштитата од него ќе ни каже пулмологот д-р Дејан Докиќ, кој секоја година во овој период се обидува да понуди едукација за сите оние кои сакаат да научат нешто повеќе околу сезонските вируси.

1. За почеток, да го одвоиме сезонскиот грип од вирусите како COVID-19. Како тие се разликуваат и дали нивниот ефект над имуниот систем е истиот? Постои ли простор за поголема паника во овој период на вируси кој надоаѓа?

Сезонскиот грип и COVID-19се инфективни заболувања, кои се предизвикани од различни вируси. Сезонскиот грип е предизвикан од инфекција со инфлуенца вирус, додека новиот корона вирус (SARS-CoV-2, од анг. severe acute respiratory syndrome coronavirus 2), ја предизвикува новата болест наречена COVID-19.

Постојат неколку клучни разлики помеѓу сезонскиот грип и COVID-19а особено важна е брзината на пренесување. COVID-19се шири полесно и кај некои луѓе предизвикува сериозни компликации. Има подолга инкубација од 2-14 дена и поголема контагиозност додека кај сезонскиот грип периодот на инкубација е најчесто 1-3 дена. Смртноста од COVID-19е повисока и се движи околу 3-4%, додека кај сезонскиот грип изнесува околу 0,1% од досегашните податоци, но би сакал да напоменам сепак, смртноста во голема мера е одредена од пристапот и квалитетот на здравствената заштита. Друга важна разлика е во тоа што постои вакцина, антивирусни лекови и сет мерки што делуваат на сезонскиот грип и можат да го намалат морбидитетот (заболувањето) и морталитетот (смртноста) кои се асоцирани со грипот. Додека во моментов нема лек, ниту вакцина за заштита од COVID-19.

Симптомитe зависат од имунолошкиот систем на пациентот и може да варираат од асимптоматски до сериозни животозагрозувачки состојби. Вообичаени симптоми што ги имаат COVID-19и сезонскиот грип вклучуваат: треска, кашлица, отежнато дишење, замор, мускулна болка, главоболка, воспалено грло. Други знаци и симптоми на COVID-19различни од грип, може да вклучуваат промена или губење на чувството на вкус или/и мирис. Бидејќи некои од симптомите на грип и COVID-19се слични, тешко е да се направи дистинкција помеѓу нив само врз основа на симптомите, најчесто е потребно тестирање за да се потврди дијагнозата. Паниката никогаш не е добредојдена, да се посветиме на одговорноста и почитување на мерките. Доколку ги почитуваме препораките за заштита и превенција оваа година сезоната на грип би можела да биде полесна од вообичаеното, но нема гаранција.

2. Често среќаваме случаи кои иако се заразени со сезонски грип сепак лесно го надминуваат и тој не им остава никакви сериозни компликации. Дали е ова случај кај сите пациенти? Кои луѓе треба да бидат дополнително внимателни кога се работи за опасноста која ја претставува сезонскиот грип?

               Повеќето луѓе кои се заболени од сезонски грип, најчесто имаат полесна клиничка слика и им поминува за неколку дена со симптоматска терапија и мирување, но кај некои луѓе може да се појават компликации со тешка клиничка слика кои  можат да бидат опасни по живот и да резултираат со смрт. Секој може да се заболи од грип дури и здрави луѓе на која било возраст, но некои луѓе имаат висок ризик да развијат сериозни компликации поврзани со сезонски грип. Во оваа категорија спаѓаат:

1. повозрасните лица – вообичаено оние над 65 години, 

2. лица со хронични форми на заболувања без оглед на возраста – пред сé: 

  • хронични белодробни заболувања (астма, ХОББ) 
    • хронични срцеви болести 
    • хронични метаболни заболувања (дијабет, гојазност) 
    • хронични бубрежни и црнодробни заболувања 
    • нарушувања на имунитетот од било каков вид (вродени / стекнати) 
    • малигни форми на болест 
    • бремени жени 
    • деца и помлади лица кои се на долготрајна салицилатна терапија (аспирин) поради некоја друга основна болест.

Постојат и други категории на население кои треба кои треба да имаат приоритет за вакцинација против грип, како што се: лицата кои долготрајно престојуваат во институции за згрижување, нега и лекување, како и категории кај кои поради професионална изложеност и можност да го шират заболувањето (здравствените работници), исто така се препорачува вакцинирање против грип.

3. Имате ли совет како да се заштитиме во сезоната на вируси?

Најдобра превентивна мерка за заштита од грип е вакцинацијата која се препорачува да се изврши во периодот од октомври до ноември, а имунитетот трае една година (до следната сезона на грип). Да се ​​добие вакцина против грип во текот на 2020-2021 година ќе биде поважно од било кога. Вакцините против грип нема да го спречат COVID-19, но тие ќе го намалат товарот врз здравствениот систем, хоспитализациите и смртните случаи од грип, а со тоа и ќе се заштеди на медицински ресурси коишто може да се искористат за нега на лицата со COVID-19.

И секако почитување на ОПШТИТЕ МЕРКИ за заштита:

1) Избегнување на близок контакт со лица кои се заболени или сомнително болни; 2) Често миење на рацете или бришење со влажни марамчиња кои содржат алкохол; 3) Избегнување на допирање на носот, устата или очите после контакт со предмети за кои постои можност да се контаминирани (задолжително миење на раце); 4) Заболените лица неопходно е да се лекуваат дома со цел спречување на ширење на инфекција; 5) Покривање на носот и устата при кашлање и кивање.

Додека ПРЕПОРАКИ ЗА ЛИЦАТА СО СИМПТОМИ НА ГРИП се:

  1. За лицата со лесна клиничка слика кои не се во ризична група, се препорачува домашно лекување со симптоматска терапија а во случај на влошување на состојбата (доколку за 3 дена нема подобрување) веднаш консултација и преглед од лекар.
  2. Лицата со лесна клиничка слика, кои спаѓаат во ризична група (хронично болни лица, бремени жени деца под две години), веднаш се јавуваат на матичен лекар со цел навремено ординирање на антивирусна терапија.
  3. Лицата кои се со потешка клиничка слика веднаш се јавуваат на лекар со цел хоспитализација и ординирање соодветна терапија

4.И покрај достапноста на овие вакцини во нашата земја,многумина не се запознаени со начинот на кој може да дојдат до нив.Што треба да направат сите заинтересирани за вакцинација против сезонски грип?

Заинтересираните лица можат да закажат вакцинација преку својот матичен лекар. Како и во изминативе сезони, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во месец февруари. Најдобро е вакцината да се прими пред почетокот на сезоната на грип (октомври, ноември), за да може организмот да развие имунитет навреме. Не е штетно или предоцна да се прими вакцина и во текот на сезоната, но тогаш се зголемува можноста човекот да заболи пред да биде заштитен.

5.Постои ли опасност од вакцината против сезонски грип?Дали оние кои се вакцинираат треба да очекуваат некакви неочекувани реакции и нус-појави од вакцинирањето?

Вакцините против сезонски грип се безбедни. Пред да биде одобрена нејзината примена кај населението, таа ги поминала сите фази на испитување од страна на надлежните институции во однос на нејзината сигурност, безбедност и фикасност. Употребата на оваа вакцина во изминатите 60 и повеќе години и позитивните ефекти од таа примена кај милиони вакцинирани лица, ја вбројуваат во редот на безбедни и сигурни за употреба вакцини.

Како и сите други лекови и биолошки препарати може да даде несакани реакции после вакцинација. Тоа се најчесто благи, локални реакции – болна осетливост, црвенило и оток на местото на убодот. Во многу ретки случаи може да даде и системски реакции во смисол на лесно покачена телесна температура, главоболка, мускулни болки, малаксаност или гадење, но и овие симптоми траат кратко и се губат во рок од 24-48 часа. Сепак, вакцината е првиот и најдобриот начин да ја намалиме веројатноста да заболиме од сезонски грип и да го прошириме на други.

.

Translate »