Груевски:Не сум виновен за уривањето на “Космос”

„Знам за што сум обвинет, но не се чувствувам виновен“, изјави поранешниот премиер Никола Груевски на судењето за уривањето на станбениот комплес „Космос“, кое почна денеска во кривичниот суд во Скопје.

И поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески се изјасни дека не е виновен.

Поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, пак, рече дека технички го разбрал обвинението, но не и суштински, но не се чувствува виновен.

Вработените во Гази Баба исто така рекоа дека разбрале за што се обвинети, но и тие не се чуствуваат виновни.

Сопственикот на „Космос“, Фијат Цановски, бара домашно и меѓународно вештачење, но и оштетно побарување за уривањето на неговиот објект.

Претходно обвинителот на СЈО рече дека Никола Груевски барал со динамит да се урне објектот „Космос“.

Во предметот, кој според новиот распоред на судии го суди Огнен Ставрев, првообвинет е екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Покрај него, обвинети се уште 6 лица: ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Истрагата за предметот со кодно име ТНТ беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт.

Штетата од уривањето на „Космос“ сe проценува на 16 милиони евра, а од Обвинителството тврдат дека постојат сведоци, материјални, но и аудио-визуелни докази.

Според нив, кривичното дело е политичка одмазда од страна на Груевски, Јанакиески и Трајковски, кои всушност сакале да му се одмаздат на Фијат Цаноски бидејќи ја напуштил коалицијата.Преземено од А1он

 

Translate »