Заев: Одлуката Иванов да не го потпише законот е флагрантно кршење на Уставот, но и кукавичлук

Законот за употреба на јазиците нема ништо да  промени во Македонија ниту ќе  ја наруши нејзината заедничка иднина. Апелирам да се пушти законот да живее, да се почитуваат институциите, а Уставниот суд и Венецијанската комисија да се изјаснат по него, изјави премиерот Зоран Заев. Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише законот, за Заев е „флагрантно кршење на Уставот, но и кукавичлук“.

– Да го оставиме законот за употребата на јазиците да го види денот. Мене ми е жал што претседателот на државата одлучи буквално да не го почитува Уставот и објави по втор пат дека нема да го потпише законот. Тоа не е добро, тоа е флагрантно кршење на Уставот на Македонија и секако институциите немаат право да дозволат тоа да се случи. Но, истовремено тоа за мене значи кукавичлук, да не се дозволи законот да живее заради тоа што ако се пушти законот да заживее конечно ќе ја реализираме последната правна обврска од Охридскиот договор. И сите ќе видат дека нема да има ниту Тиранска агенда во Македонија, дека Македонија нема да биде држава на Албанците или не знам кои од малцинските заедници во државата, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања на маргините на Форумот за владеење на правото во ЈИЕ.

 

 

Translate »