Супер бабичка живее во Демир Капија
Демир Капија, 25 април 2018 (МИА) – Супер бабичка живее во Демир Капија. Баба Велика Николова е неуморна и иако е во деветата деценија од животот, овие пролетни денови можете да видите како врзува лозови прачки во лозјето. Активна е при сите операции во лозовиот насад, од резидба на лозите, до берење на грозјето. Во меѓувреме, се занимава и со други активности, се грижи за сопругот. Тајната за долг живот, според оваа вредна жена за пофалба, е во работата. А најтешкото во животот, според неа, е да молиш некого за нешто.
Сопругот ѝ е пензиониран железничар речиси триесет години.
– Јас како студент на медицина редовно им мерам крвен притисок. Баба ми има идеален 120 со 80 притисок, таков посакуваат и многумина помлади од неа. Дедо ми има дијабетес, но редовно го контролираме. Во лето, таа често добронамерно го лаже дедо дека е 6 часот наутро, а всушност е 4, оди на лозје и се враќа во 9 часот наутро и работата и е завршена. Нејзиното мото е работа, работа, работа. Многу пати знае да каже дека голем дел од младите се мрзи тешки и апелира да се менуваат. Таа е навистина кул баба, во една ситуација додека бевме дома, а дедо ми ја праша, бабо, што претендираш со тоа, таа му рече, не се прави паметен многу, јас ти најдов работа! А кога ме испраќаше за Италија ми рече, многу се мачиш сине, многу ми е мака за тебе. Ѝ реков, бабо, ама секогаш ќе имам мака во животот, животот е страдање. Таа ми рече девојче од каде доаѓаш ти, најверојатно алудирајќи на тоа дека сум наследила од нејзината мудрост. Го има преживеано земјотресот во Скопје во 1963 година и секогаш знае да каже, мојот живот е филм, вие немате појма! Додека сум била мала и таа ме чувала, морала да ги заврши домашните обврски, а јас за да не избегам, ме врзувала за дрво, откри за МИА нејзината внука од син, Кристина.
Доказ дека бабата која ја негува традицијата прифаќа и модерни работи од новото време, е фактот што таа неодамна побарала од својата внука да ја научи да прави смути. Сега, секое утро си го овозможувала тоа задоволство себеси и на својот животен сопатник, но и на блиските.
Братот на Кристина е кардиолог, па редовно се грижи за здравјето на бабата и дедото кои живеат во истата куќа, во посебен влез. Близу железничката пруга и Демиркаписката клисура.
– Тиква, домати и други земјоделски производи од сопствено домашно производство, но и многу хумор, тоа е она што ќе го чуете дека ја одржува баба Велика. Си работи на лозовиот насад, во градината и дворот. Се нервира само кога гледа мрзливи луѓе. Ракија и вино може да се напие само кога наздравува за празници како пред некое време за Велигден, кога прославила со своите најблиски, за празникот, но и за именденот. Никогаш не другарувала со цигари. Во минатото кога живеела во демиркапиското село Клисура, имала и домашни животни и пиела козјо млеко, но правела и сирење. Од денес ги планира работите за утре. За прочка си сука ложен баник, кој го обожаваат сите од пошироката фамилија. Мајка и своевремено била бабица и се грижела за леунките во Демир Капија, како денешна патронажна медицинска сестра.
Од семејството Николовски ја добивме и оваа фотографија која ја направиле за спомен, а на која се гледа како тогаш Велика се качила како и многу пати дотогаш на покривот од куќата, за да го исчисти оџакот.
– Знаете, таа е толку полна со енергија и на овие години, па едноставно нема трпение да почека за да дојде некој да и помогне. Фотографијата е од пред две години, мислам дека беше ноември. Но тоа и беше последен пат да го прави тоа што и многу помлади не го прават, веќе не смее да се качува на кровот, има и официјална забрана од нас, раскажа Кристина.
Старицата која има четири деца, седум внуци и 10 правнуци, само едно нешто не научила во животот, а тоа е да прави палачинки. Но затоа пак со задоволство ги јаде кога ќе ѝ ги приготват други. И секогаш сака да го свари првото кафе во денот за семејството.
Баба Велика која е своевиден херој, а сака да доживее толку години, колку што ќе ѝ даде судбината, е полна со позитивна енергија, милува да разговара и да се шегува, па да каже и по некој виц. А ќе остане запаметена и по тоа што многу пати знае да каже, кога ќе остарам, или, прашај некој постар човек.
– Сакам пензија да ми дадат оти одгледав четири деца, ми рече супер бабичката која секогаш е пријателски расположена и гостопримлива.
Светлана Дарудова